Државна помош за националните паркови „Шар Планина“ и „Пелистер“

23

Двата национални парка „Шар Планина“ и „Пелистер“, кои со години се соочуваат со финансиски предизвици, ќе добијат државна помош за зајакнување на институционалните капацитети и одржлив развој на овие заштитени подрачја.

– Врз основа на доставените барања од двете јавни претпријатија, Владата одлучи со ребалансот на Буџетот за 2025 година да додели 10 милиони денари за ЈП „Шар Планина“ и 12,6 милиони денари за ЈП „Пелистер“, во форма на капитални субвенции за јавни претпријатија. Овие средства ќе бидат искористени за поддршка на обврските кон вработените и изведувачите на овие паркови, набавка на современа опрема за краткорочна прогноза и мониторинг на ризици од шумски пожари и поплави, како и за имплементација на иновативни техники за заштита и подготвеност на граѓаните во рамки на проектот PREVENT од програмата IPA 2 – посочуваат од Министерството за животна средина.

Со оваа финансиска поддршка ќе се поттикне развојот на екотуризмот и ќе се подобри заштитата на природното наследство и биодиверзитетот во овие подрачја од посебно национално значење.

– Националните паркови имаат особено значење за државата бидејќи континуирано спроведуваат активности за заштита на природата, одржливо управување и развој на екотуризмот. Тие се меѓу најважните туристички дестинации во земјата, каде што се реализираат проекти за подобрување на инфраструктурата, еколошко образование и промоција на природното наследство – се вели во соопштението на МЖСПП.

ИЗДВОЕНИ