
Американскиот претседател, Доналд Трамп, го објави почетокот на нова, ексклузивна програма за имиграција, која нуди директен пат до државјанство за сите квалификувани и проверени лица преку таканаречената златна картичка.
Со такса за апликација и проверка од 15.000 долари и со уплата на еден милион долари, може да се добие правото на престој во САД за рекордно време преку програмата „Златна картичка Трамп“, според официјалната веб-страница, пренесува „Танјуг“.
Од друга страна, во САД во тек е 60-дневна јавна консултација околу промена на процедурите за влез во државата што би можеле да влијаат на сите туристи, вклучувајќи ги и граѓаните на ЕУ, кои моментално можат да патуваат без виза до 90 дена.
Според новиот предлог објавен во Федералниот регистар, од странските посетители ќе се бара да обезбедат податоци за своите профили на социјалните мрежи за пет години, како и стари е-адреси, телефонски броеви и лични информации за членовите на семејството. Се планира да се собираат и селфи фотографии и биометриски податоци како отпечатоци од прсти, фотографии од лице, ДНК-профили и скенирање на очите.
Овој предлог уште на почетокот предизвика жестоки реакции во врска со прашањата за приватноста и за слободата на говорот.











