Нема да има криза во снабдувањето со гориво за граѓаните и стопанството, уверуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Оваа изјава следува откако неколку држави во регионот објавија дека блокадите на транспортните ленти на граничните премини го нарушиле нормалното снабдување со нафта и нафтени деривати.

Компанијата ОКТА засега нема оперативни проблеми во снабдувањето и најавува дека доколку биде потребно ќе користи алтернативни транспортни решенија, вклучително и железнички транспорт. Од компанијата додаваат дека располагаат и со сопствени комерцијални резерви на гориво, кои можат да се искористат доколку блокадите се продолжат.

Министерството истакнува дека државата располага со нафтени деривати во државните резерви доволни за околу 42 дена редовно снабдување на пазарот.

– Постојните количини во државните резерви, во комбинација со редовното снабдување од страна на увозниците и дистрибутерите, обезбедуваат континуитет и покривање на потребите на пазарот според просечната дневна потрошувачка. Доколку дојде до продолжена и целосна блокада во траење од неколку недели, државата има законски можности за активирање на резервите за навремено и контролирано снабдување – велат од Енергетика.

Како дополнителна мерка, министерството посочува дека продуктоводот за дизел гориво ќе овозможи дополнително зајакнување на сигурноста и стабилноста на снабдувањето. По завршувањето на неопходните технички и организациски подготовки, се очекува испорака на квалитетен дизел по 15 февруари.

ИЗДВОЕНИ