Државата продолжува да вложува во националните паркови како клучен столб на заштитата на природното наследство и развојот на одржливиот туризам. Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на парковите Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди континуираната поддршка на Министерството за нивниот развој и одржливо управување.
– Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот буџет обезбеди наменски средства за активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој – истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови не се само заштитени подрачја, туку и важен двигател на локалниот економски развој и еко-туризмот. Министерството ќе продолжи да ги поддржува активностите преку подобрување на законската регулатива, стабилна финансиска поддршка и координација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери.
Со овие мерки се очекува да се зајакне управувањето, да се унапреди заштитата на биолошката разновидност и да се развива зелена инфраструктура во националните паркови. Денес, парковите претставуваат значајни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.












