Се зголемува јазот меѓу минималната и другите плати во државата, а тоа го потврдуваат и податоците од Управата за јавни приходи, според кои во јули биле исплатени нето-плати во износ од близу 20 милиони денари или околу 320 илјади евра. Пресметките покажуваат дека оваа плата е еднаква на платите на 817 работници со минимална плата, односно првите топ три газди со пресметковните ефективни нето-плати зеле плата за еден месец колку за 1.790 работници на минималец. Економските експерти коментираат дека тука воопшто не станува збор за плата, туку за добивка на компанијата што сопственикот ја прикажал како плата за да не плаќа толку високи давачки. Економските експерти сметаат дека во слободна економија, државата нема начин да го намали големиот јаз меѓу платите, бидејќи не може да ја ограничи висината на платата што може да се исплати во приватниот сектор.
– Овде не се работи за плата, туку за дел од добивката што сопственикот ја повлекува како плата поради слободата во нашиот даночен систем, бидејќи до 16. плата се плаќаат придонеси, а потоа само персонален данок. Придонесите и данокот до 16. плата изнесуваат речиси 50 отсто од нето- платата. Потоа се плаќа само персонален данок од 10 отсто, со кој се оданочуваат сите плати. Ако газдата си префрлал на себе нормална плата, овие 300 илјади евра на крајот на годината ќе се покажеле како добивка. Тогаш сопственикот ќе треба да плати 10 отсто данок на добивка и 10 отсто персонален данок или вкупно 20 отсто од сумата, а вака плаќа само 10 отсто. Неопходно е да се спречат ваквите нелогични работи или овие средства да не бидат даночно признаени расходи или да се воведе прогресивен данок и стапката да не биде 10 отсто, туку од 20 до 25 отсто, со што би се избегнале ваквите појави – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров, член на Управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Според него, прогресивното оданочување го предложил СДСМ, а потоа го повлекол, а грешката била што многу ниско била поставена скалата, односно била на 1.000 евра. Многумина тогаш реагираа дека 1.000 евра не е голема плата, туку треба да биде 2.0000-3.000 евра.
– За вака екстремно високи плати, стапката треба да биде многу повисока, односно меѓу 20 и 30 отсто, со цел да биде повисока од нормално исплатената дивиденда, на која се плаќа 10 отсто данок на добивка и 10 отсто персонален данок. Значи, тука воопшто не станува збор за плата, туку за добивка на компанијата што сопственикот ја прикажал како плата за да не плаќа толку високи давачки – појаснува Димитров.
Економскиот аналитичар и универзитетски професор, Синиша Наумоски, смета дека не е можно регулирање на платите во слободна пазарна економија, бидејќи државата не може да ја ограничи висината на платата што може да се исплати во приватниот сектор.
– Во минатото, прогресивното оданочување беше тема на дискусија повеќепати, но се покажа дека неговата имплементација е невозможна, бидејќи тоа мора да биде во согласност со соседните држави. Нема начин за намалување или некакво регулирање на тој јаз од страна на државата, бидејќи државата функционира во слободна пазарна економија и понудата, побарувачката на работна сила и работните часови се формираат врз основа на пазарните принципи. Има неколку препораки што може да помогнат во намалувањето на овој јаз. Да се применат антимонополски политики, бидејќи многу фирми во одредени сектори создаваат концентрација на богатство. Во овој случај, поддршката на конкуренцијата и стартапите може да придонесат во намалувањето на таа концентрација. Јакнење на трудовата инспекција, бидејќи некои менаџери ги префрлаат платите на своја сметка, а потоа им даваат на работниците плата во кеш, односно во плик. Пристапот до евтини пари и социјалните политики, исто така, може да влијаат на промените. Секако, во Македонија е потребна фер даночна политика, како и квалитетно образование, кое ќе може да ја зголеми продуктивноста – смета Наумоски.
И Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата на Македонија смета дека на Македонија уште како ѝ е потребна фер даночна политика, односно потребно е да се интервенира во даночната политика и да се види дали и колку се плаќаат даноци.
– Кај нас се плаќаат социјални придонеси до 16 исплатени плати. Правени се калкулации и е утврдено дека е поскапо е да се платат даноците отколку да се извадат пари во готово. Во Македонија, не може да се намали тој јаз преку прогресивни придонеси, бидејќи не постои можност за прогресивно пресметување и наплаќање на социјалните придонеси. Од друга страна, пак, СДСМ не го прифати прогресивното оданочување, но и ВМРО-ДПМНЕ не го прифати, односно тоа не се најде во програмата на Владата и покрај тоа што имаме потреба да се интервенира во даноците, односно во даночната политика и во даночната дисциплина и контрола. Со други зборови, треба да се знае дали и колку се плаќаат даноци – изјави Бошков за ВЕЧЕР.
Според него, оние што земаат минимална плата се занаетчии, самостојни вршители на дејност и вработени во микро и во мали компании. Нивниот број е меѓу 15 и 17 илјади вработени, додека, пак, најголем дел, околу 70 отсто од вработените во државата, земаат меѓу минимална и просечна плата, односно околу 500 евра.
И од Сојузот на синдикати на Македонија укажуваат дека расте јазот меѓу минималецот и милионските плати во Македонија.
– Владите мора да разберат дека треба да им одземат на богатите газди, не на работниците. Работниците на минимална и оние до просечна плата плаќаат вкупно 38 отсто придонеси за задолжително социјално осигурување, а газдите со милионски износи плаќаат придонеси до 16.430 евра бруто (односно 16 × 63.154 денари просечна бруто-плата за претходната година, како највисока основица за сите придонеси). Над тој износ, плаќаат само 10 отсто персонален данок, па ако не е тоа неправда, тогаш не знам што е. Затоа Владата мора да избере: или да им даде на сиромашните работници со плата под просечната плата или да им земе на газдите милионери со плата над милион денари, затоа што едните плаќаат 38 отсто давачки, а другите само 10 отсто – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според нивните податоци, во мај 2025 година, од евидентираните 509.960 работници со пресметана и уплатена нето-плата, 374.045 работници или 73,3 отсто од нив примиле плата под просечната плата, а 135.915 работници или 26,7 отсто од работниците примиле плата над просечната плата. Загрижува фактот што 169.082 работници, односно една третина или 33,1 отсто од работниците, примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра.
(А. С.)