Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот комитет за човекови права информираат дека Европскиот суд за човекови права вчера донесе одлука по пат на унилатерална декларација во предметот „Фитим Муслиу против Северна Македонија“, поднесена на 30 август 2022 година.
Предметот се однесува на настан од 3 август 2020 година, кога осудениот бил тепан од полицаец од затворот „Идризово“, пред кантината. Како последица на нападот, затвореникот се стекнал со телесни повреди.
„Во врска со настанот беше поднесена кривична пријава до ОЈОГОК против командир на затворската полиција во КПД Идризово за кривичните дела ‘Мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување’ (член 142 став 1 од КЗ), ‘Малтретирање во вршење на службата’ (член 143 од КЗ) и Расна и друга дискриминација (член 417 став 1 од КЗ). Кривичната пријава беше отфрлена, по што беше поднесена жалба до Вишото јавно обвинителство, кое го потврди решението на ОЈОГОК“, информираат организациите.
Пред Судот во Стразбур, човекот се жалел на повреда на член 3 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), тврдејќи дека бил изложен на нечовечко постапување од затворскиот службеник и дека домашните власти не спровеле ефективна истрага за наводите.
„Во доставената унилатерална декларација, Владата призна дека имало повреда на правата на апликантот гарантирани со Европската конвенција за човекови права. Апликантот укажа дека не биле конкретизирани мерките за обезбедување во согласност со Конвенцијата, ниту биле предвидени активности за надминување на структурните проблеми поврзани со нечовечко постапување и неефикасни истраги во затворите“, нагласуваат организациите.
Како што објаснуваат, судот посочил дека оваа одлука не ја ослободува државата од обврската да спроведе истрага согласно Конвенцијата, имајќи го предвид признанието на повредата на правата заштитени со член 3 од ЕКЧП.
„Оваа одлука ги потврдува долгогодишните системски недостатоци во затворскиот систем, како и неефикасноста на внатрешните и надворешните механизми за пријавување и гонење случаи на тортура и нечовечко или понижувачко постапување кон осудените лица“, децидни се организациите.
Тие ја поздравуваатт одлуката на Судот и потсетуваат дека според неговата утврдена пракса, државата има позитивна обврска согласно член 3 од ЕКЧП да ја заштити физичката благосостојба на луѓето лишени од слобода, кои се во особено ранлива положба бидејќи, како што велат, се под целосна контрола на властите.
„За таа цел, државата мора да преземе навремени и ефективни мерки за истрага и санкционирање на одговорните лица“, констатираат организациите.
Инаку, оштетениот бил застапуван од адвокат Диме Ѓорчевски од Скопје, член на тимот на адвокати на МЗМП. Предметот бил воден во рамки на проектите „Елиминација на тортурата и нехуманиот третман во затворите и установите за лишување од слобода “ и „Борба со тортурата и нехуманиот третман“, поддржани од Европската Унија, а имплементирани од Македонското здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет за човекови права.












