Буџетот за проекти од национален интерес во културата е 1 милијарда 70 милиони и 417.000 денари. – Се работи за проекти кои ќе ја збогатат културната понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународна афирмација на македонската култура. Особено е значајно што и во 2026 продолжуваме со систематско зајакнување на националните установи. Минатата година, по првпат, воведовме делегиран буџет за 18 национални установи, а годинава го прошируваме бројот на 28, посочи министерот за култура и туризам на вчерашната прес-конференција, на која беа објавени резултатите од годишните конкурси за проекти во културата
– Во 2026, посебно внимание им посветуваме на современото творештво, на меѓународната соработка и на креативните индустрии, области кои не само што носат културна вредност туку и значаен економски потенцијал, посочи министерот за култура и туризам на вчерашната прес-конференција, на која беа објавени резултатите од годишните конкурси за проекти во културата. Тој истакна дека преку електронскиот систем за аплицирање, годинава пристигнале вкупно 2618 пријави, а селекцијата се одвивала врз основа на јасно утврдени критериуми, однапред дефинирани приоритети и стручни комисии составени од компетентни и релевантни лица од соодветните области.
– Се работи за проекти кои ќе ја збогатат културната понуда, ќе отворат простор за нови креативни изрази и ќе придонесат за меѓународна афирмација на македонската култура. Особено е значајно што и во 2026 продолжуваме со систематско зајакнување на националните установи. Минатата година, по првпат, воведовме делегиран буџет за 18 национални установи, конкретен чекор кон поголема автономија, поефикасно управување со програмските средства, како и кон јасно дефинирана одговорност и отчетност, што покажа конкретни резултати. Годинава го прошируваме бројот на 28, со што моделот од пилот-проект прераснува во системска и долгорочно одржлива практика. Успеавме да обезбедиме и зголемување на средствата за повеќе дејности, што претставува директна инвестиција во квалитетот, континуитетот и рамномерниот развој во културата, додаде Љутков.
Инаку, вкупниот буџет на Министерството за култура и туризам за 2026 година е 5 милијарди, 194 милиони и 975 илјади денари, што е за 519 милиони и 713.000 денари поголем од лани. Буџетот за проекти од национален интерес во културата е 1 милијарда, 70 милиони и 417.000 денари.
Реконструкција на постојните објекти
За изградба на нови објекти, како и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат јавните установи во областа на културата, годинава се обезбедени финансиски средства во висина од околу 407 милиони денари, кои ќе се реализираат преку 13 значајни проекти. Меѓу нив се реконструкција на објект „Универзална сала” во Скопје, изградба на објект наменет за Турски театар во Скопје, изградба на нов објект наменет за театар и библиотека во Тетово, изградба на „Стар театар“ во Струмица, реконструкција на објектот на театарот при Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, реконструкција на објект на поранешно кино „Партизан” во Битола, санација на објектот на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје, на проодни тераси на објектот и на фоаје на Македонски народен театар. Дел од парите се наменети и за реновирања во Македонската опера и балет, за Музеј на Македонија (реконструкција на кровна површина), изградба на објект со скулптурална композиција во Скопје, реконструкција на театарот во Штип, на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп и проектна документација за комплетна реконструкција на театарот „Војдан Чернодрински“.
Недвижно културно наследство
Во рамки на оваа програма, приоритет се и национално значајните споменици, археолошки локалитети и историски комплекси. Најголемиот дел од средствата се насочени кон националните установи.
– Посебен, приоритетен проект, од национално значење е конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ од манастирот „Трескавец“. Тука е и споменик „Илинден“ во Крушево – кој е културно наследство во опасност, реконструкција и адаптација на објектот на старото школо Љубојно, стратешки проект со културна и туристичка вредност. Посебно ќе го споменам спомен-домот „Разловечкото востание“… посочи Љутков. Меѓу проектите е и стариот конак во Лешочкиот манастир „Св. Атанасие“, Самуилова тврдина – Охрид, ентериер на Мехмед Ефенди – Јени џамија, Битола, манастир „Св. Леонтиј“, с. Водоча – комплекс Водочки цркви, црквата „Св. Кирил и Методиј“, Струмица, споменичка целина „Бања Банско“, куќата на Лазар Личеноски, Скопје, шалтер-сала на Нова пошта, Скопје, Аквадуктот во Скопје, Стара железничка станица и негова адаптација во Центар за посетители – Стоби, доцноантички комплекс „Манчевци“ – Варош, Охрид, археолошки локалитет Градиште – Билазора, с. Кнежје…
Министерот посочи и дека годинава ќе се отворат постојаните поставки на музеите на праисторијата и османлиското наследство на Скопската тврдина – Кале. Дел од проектите се и одбележувањето на значајните јубилеи 100 години од постоењето на Природонаучен музеј на Македонија; 25-годишниот јубилеј од откривањето на Кокино…
Музичка и сценско-уметничка дејност
Во 2026 зголемен е и буџетот за музичко-сценската дејност.
– Во рамки на годишната програма на Македонска опера и балет и во Филхармонија дадовме поддршка за реализирање на македонски дела, што е значаен исчекор во заложбите на Министерството за поддршка на домашното творештво и автори. Една од приоритетните заложби беше да се дисперзира севкупната културна музичка понуда во целата земја и истата да стане достапна до сите преку поддршка на проектите во Центрите за култура. Ова ќе биде година на јубилеи и тоа – 60 години Факултет за музичка уметност од Скопје, 45 години на Скопскиот џез-фестивал и 25. издание на Офф-фест, 50. издание на Струшката музичка есен и други. Значајна е и поддршката за џез-проектите и дел од популарните музички концепти, додаде Љутков.
Визуелни уметности, архитектура и дизајн
Во областа на визуелните уметности годинава, програмскиот фокус е ставен на Музејот на современата уметност и Националната галерија.
– Оваа година поддржани се и значајни јубилејни и ретроспективни изложби како „Јубилејна изложба 90 години од раѓањето на Александар Јанкуловски Цане“, „30 години јубилеј – Билгаип Кочиште-Биге“, „Јордан Грабуловски – Јубилејна изложба по повод 100 години од раѓањето“, „Ретроспективна изложба на Благоја Маневски“, „Јубилејна изложба 80 години постоење на ДЛУМ“ и др. Тука сакам да нагласам дека: со цел поттикнување на современото ликовно творештво, обезбедување континуитет во развојот на македонската ликовна сцена и збогатување на збирките во националните установи, по скоро една деценија повторно го објави долгоочекуваниот Конкурс за откуп на ликовни дела, истакна Љутков.
Литературна и издавачка дејност
Во рамки на литературата и на издавачката дејност се поддржани научни и академски публикации, монографии за значајни автори и културни теми, преводи на дела од повеќе јазици, дела на млади автори, детска литература, стрип-изданија, Брајови изданија, како и списанија и електронски публикации.
Во делот на манифестации и фестивали е поддржана реализацијата на Саемот на книга, „Струшките вечери на поезијата“, „Рацинови средби“…
Драмска дејност
Во делот на драмската дејност, од пристигнатите 239 проекти, поддржани се 163.
– Годинава, Драмски театар ќе го прослави 80-годишниот јубилеј под мото „Сцената памети, публиката се сеќава, Драмски продолжува да инспирира“ и гостувањата на национални театри преку манифестацијата „Една е сцената на Драмски“. Театар „Комедија“ ќе биде домаќин на Генералната асамблеја на Еуродрам, на сцените на националните театри ќе се изведат премиери од домашни и од странски режисери, со дела од Шекспир, Брехт, Милер, Ибзен, Реза, како и од значајни македонски автори, вклучувајќи Горан Стефановски, Венко Андоновски, Сашко Насев…
Меѓународна дејност
Во однос на меѓународната дејност за 2026, според Љутков, посебен акцент беше ставен на проекти во земјите кои се во фокусот на надворешната политика на државата, земјите претседавачи со Европската Унија, европските престолнини на културата, како и на одбележување значајни дипломатски јубилеи.
– Македонската култура ќе биде претставена на Меѓународните саеми на книгата во Лајпциг, Франкфурт и Болоња. Македонските театри ќе се претстават во Театарот за деца и младинци во Србија и Романија; гостувања на Македонскиот народен театар во Дубровник и Марибор; гостувања на НУ Народен театар – Битола во Романија и Италија; учества на Албанскиот театар – Скопје на фестивали во Анталија, Бурса и Адана (Турција), а ќе ја нагласам и Регионалната унија на театри РУТА, во организација на НУ Драмски театар – Скопје; Националната опера и балет ќе гостува во Крит, Холандија, Белгија и Германија; гостувања на Македонската филхармонија во Бон и Оберхаузен (Германија); меѓународни настапи на Оркестарот за џез-музика на РСМ во Португалија и Хрватска. „Танец“ ќе гостува во Обединетото Кралство и Малта, како и настапи на Ансамблот на албански народни ора и песни во Сицилија (Италија) и Белгија, истакна, меѓу другото, Љутков.
Во областа на визуелната уметност, тој како особено значајни ги издвои самостојната изложба на Жарко Башески во Белград како и Патувачката изложба на Жанета Вангели.












