И покрај новите санкции кон Русија од страна на САД и на ЕУ, во Македонија ќе нема енергетска криза, увезрува премиерот Христијан Мицкоски, Според него, такво нешто нема да се случи во нашата земја.
-Не, нема да има. Ние сме подговтвени. Тоа одамна го антиципиравме и заедно работиме со надлежните министерства и институции во рамки на Владата за тоа да не се случи. Знаете, имаше и ремонтни активности на гасоводот кои што ги потпишала претходната влада во заминување па не останавме без гас, односно топланите работеа. Така што, сите овие работи ги антиципираме, но нормално е дека за работи кои што се тековно работење на Владата не треба да ја оптоваруваме јавноста со такви ситници. Нема да има такво нешто, изјави Мицкоски.
Имено, министерството за финансии на САД пред две недели објави нови сеопфатни санкции против две од најголемите руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, во обид да изврши поголем притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина.
Со овој потег, Вашингтон го следеше примерот на Обединетото Кралство, кое воведе речиси идентичен пакет санкции против Роснефт и Лукоил.
Според британската влада, двете компании извезуваат 3,1 милион барели нафта дневно. Само Роснефт произведува речиси половина од целата руска нафта, што сочинува околу 6% од светското производство. Порано оваа година, САД и Велика Британија веќе воведоа санкции против други руски енергетски гиганти, вклучувајќи ги Газпром Нефт и Сургутнефтегас.
Овие санкции се едни од најстрогите од американска страна кон Русија од почетокот на војната во 2022 година, но нивниот ефект сепак во голема мера ќе зависи од волјата на најголемите алтернативни купувачи на Русија, Кина и Индија.
Со пакетот санкции на ЕУ, пак, се воведува забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) во ЕУ, почнувајќи од јануари 2027 година и се заострува постојната забрана за трансакции за руските државни енергетски компании „Росњефт“ и „Газпром Њефт“. Паралелно, ЕУ презема мерки и против оператори од трети земји кои овозможуваат прилив на приходи на Русија.
Инаку, руската компанија „Лукоил“ работи и во Македонија под името „Лукоил Македонија“, а нејзината основна дејност е продажба на нафтени деривати. Поради тоа многумина си го поставуваат прашањето дали и „Лукоил“ во Македонија можеби потпаѓа по санкции.
Министерството за финансии на САД наведе список на сите подружници на „Роснефт“ и „Лукоил“ што потпаѓаат под санкции, а компанијата „Лукоил Македонија“ не е спомената на таа листа. Всушност, не е спомената ниту една подружница на „Лукоил“ во регионот туку само во Русија. Но има одредена загриженост во двата соседи кои имаат силни подружнисици – во Бугарија и Србија.
Претходно, и Српската нафтена индустрија (НИС) беше вклучена во списокот со санкции што го објави американското Министерство за финансии на 10 јануари поради сопственичкиот удел во руската компанија Гаспром нефт.
Македонските институции соопштија дека санкциите на САД врз Нафтената индустрија на Србија (НИС) нема да влијаат врз пазарот на нафта во земјава, затоа што најголем дел речиси 86 отсто од нафтата во земјава е од увоз од Грција, додека од Србија се увезува помалку од 1 отсто.
Согласно Годишниот извештај за 2024 година трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт, го вршеле увозот на нафтените деривати во земјава од 11 држави, при што најмногу нафтени деривати биле увезени од соседните држави од Грција 85,98%, од Бугарија 10,49%, Албанија 2,27%, Србија 0,96%, Црна Гора 0,15%, Романија 0,09% и мал процент на увоз од други земји.












