Државата да ги дава бесплатно селските куќи на младите за да се вратат во селата

Доколку младите имаат свои куќи, ќе имаат каде да се вратат, а со тоа во селата ќе се подобрат условите за живеење, ќе се изградат улици, патишта, болници, градинки, банки, пошти… Според експертите, финансиската поддршка од 100 илјади евра, која Владата ја дава за преселба на младите во село е добра, но не е доволна. Тие сметаат дека на младите треба да им се обезбедат и куќи за да има каде да се вратат. Универзитетскиот професор и земјоделски експерт Илија Каров за весникот ВЕЧЕР вели дека во Србија веќе има ваква програма, која успешно се спроведува од 2020 година и смета дека истата може да се реализира и кај нас

4336

Може ли да се купи желбата на младите за нов почеток на село далеку од градот и од урбаните погодности? Како што стојат работите, изгледа дека младите засега не би се вратиле да живеат во село. Но, дали доколку државата ги откупи и им ги дава бесплатно напуштените селски куќи на младите брачни парови, селата ќе заживеат? Експертите сметаат дека доколку младите имаат свои куќи,ќе имаат каде да се вратат, а со тоа ќе се подобрат условите за живеење, ќе се изградат улици, патишта, болници, градинки, банки, пошти…

Според нив, финансиската поддршка од 100 илјади евра која Владата ја дава за преселба на младите во село е добра, но не е доволна. Тие сметаат дека на младите треба да им се обезбедат и куќи за да има каде да се вратат. Универзитетскиот професор и земјоделски експерт Илија Каров за весникот ВЕЧЕР вели дека во Србија веќе има ваква програма, која успешно се спроведува од 2020 година и смета дека истата може да се реализира и кај нас.

– Добро е што оваа Влада прави огромни напори да им овозможи на младите да останат во државата. Но, треба да ја разгледа и идејата за откупување на напуштените селски куќи и да ги дава на младите. Во државата, голем број млади брачни парови живеат под кирија. Некои од младите имаат работа, но немаат каде да живеат. На овој начин државата може да им го реши станбеното прашање и да ги врати младите во селата. Во селата и населбите кои се блиску до големите градови има голем број куќи кои се напуштени, но се во добра состојба. Овие куќи со мали инвестиции за реновирање можат да станат нивен сопствен дом, вели Каров.

За таа цел, тој вели дека Владата треба да ги откупи овие куќи од нивните сопственици и да ги даде бесплатно на младите брачни парови кои би ги реновирале и би се вратиле да живеат во селата. Како услови кои би ги поставила државата е да немаат право да ги продаваат куќите и да живеат во нив најмалку 15 години. Што се однесува до работата можат, но и не мора да се занимаваат со земјоделство. Можат да работат во градовите и да патуваат до селата, важно е да се зголеми бројот на жители во селата.

– Ова не е ништо ново, ваква програма има во Србија, која успешно се спроведува од 2020 година. Владата во Србија досега има доделено преку 7.000 куќи на млади брачни парови кои веќе живеат во селата. На младите кои ќе одлучат да живеат во селата Владата им дава финансиска поддршка до 10 илјади евра, а куќите чинат од 8 до 10 илјади евра. Освен во Србија, ваква мерка успешно се спроведува и во Италија. Таму општините ги откупуваат празните и напуштени куќи и ги продаваат за едно евро на фамилии кои сакаат да живеат на село. Купувачите мора да гарантираат реновирање и ревитализација во период одреден од општината, а државата им става на располагање помош со намалување на даноците и други олеснувања за оние што ќе живеат и работат на село. Корисниците на овие куќи имаат обврска да живеат во нив најмалку 10 години, вели нашиот соговорник.

Овие успешни примери може да се пресликаат и кај нас и да се вратат луѓето и животот на село. На овој начин ќе им се даде нов живот и на напуштените куќи и на селата, а младите, кога ќе се преселат, со заеднички сили ќе ја обноват и инфраструктурата.

– Во некои села има куќи кои немаат наследници и стојат празни и се распаѓаат. Токму тие куќи можат да бидат предмет на оваа мерка на Владата. Во некои села веќе има успешни примери на млади кои имале куќи од своите дедовци и кои се вратиле да живеат на село, додава Каров.

Инаку, Србија уште во 2020 година има донесено Национална програма за поддршка и одржлив развој на селата, изготвена од Српската академија на науки. Програмата е дел од целокупната општествено-аграрна и социјална реформа и ги анализира економските услови за живот во селата и работата во земјоделството, укажува на проблемите и наведува предлози за социјални реформи во селата. Дел од програмата е формирање на државен фонд за развој на руралната инфраструктура, финансиски стимулации за млади брачни парови и давање до 50 хектари државно земјиште на бесплатна употреба од страна на младите брачни парови. Исто така, Програмата опфаќа доделување на куќи под најповолни услови за оние што сакаат да живеат на село и да ја обработуваат земјата, намалување на ДДВ за земјоделските задруги и целосно ослободување од повеќе даноци во граничните и планинските области.

Каров вели дека доколку Владата одлучи да имплементира вакви мерки, може да види што од тоа што се применува во соседните земји е соодветно и применливо во нашата држава. За некои работи не мора да се носат посебни закони и програми, туку може да се направат промени со воведување на мерки во постојните закони и програми.

(А.С.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ