Виетнам бележи силен економски раст и сè повеќе се позиционира како привлечна дестинација за странски инвеститори, професионалци и поединци со висока нето вредност.
Како одговор на тој тренд, властите на земјата објавија нова програма за златни визи, со цел привлекување на долгорочни жители и поттикнување на туризмот и економскиот развој.
Според достапните информации, златната виза се нуди во три форми: инвеститорска виза – трае 10 години, со можност за постојан престој по 5 години. Виза „Талент“ – наменета за висококвалификувани професионалци од брзорастечкиот сектор, со времетраење од 5 години и едноставна постапка за обновување и општа златна виза – со рок на важност од 5 до 10 години и можност за продолжување.
Процесот на аплицирање ќе биде целосно дигитализиран, без потреба од одење во амбасада.
Покрај деловните можности, Виетнам нуди и прифатлив и квалитетен живот.
Градови како Хо Ши Мин, Ханој и Да Нанг имаат богата култура, меѓународни училишта и развиена инфраструктура – што ги прави погодни за странски жители.
Виетнам, исто така, нуди ниски трошоци за живот, стабилен раст и сè повеќе дигитализирана администрација, што дополнително ги охрабрува странските инвестиции и миграцијата.
Златната виза е дел од поширока стратегија за развој на туризмот. Целта на владата е да постигне помеѓу 22 и 23 милиони меѓународни пристигнувања до крајот на годината.