ЈП „Национални шуми“, заедно со општествено одговорни компании, и оваа година е ангажирано на пошумување на голини, но и на површини на кои се посечени дрвја поради пожарите што се случија изминативе години. На оваа тема, како и на плановите што ги има претпријатието во насока на справување со климатските промени, за мерките што ги презема за намалување на дрвокрадството… разговараме со заменик генералниот директор на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.

*Секоја година, ЈП „Национални шуми“ ја реализира акцијата на пошумување. Какви се плановите за оваа година, кои ви се партнери, на кои локации ќе се пошумува?

– Една од нашите примарни обврски е токму пошумувањето. Независно дали површините се големи поради некои абнормални појави, како опожарени површини или нашите редовни активности во делот на сеча на дрвја, имаме редовни обврски за пошумување. Тоа го работиме согласно со годишната програма и имаме законска обврска одредена површина да ја пошумиме. Во 2024 година имавме огромна бројка пожари и огромни површини беа опустошени од пламените јазици и во наредниот период ќе се стремиме да ги пошумиме.

*Имате ли обезбедени средства за тоа?

– Со оглед на тоа што 2024 и 2025 година бевме сериозно погодени од пожарите, свеста проработи кај многу граѓани. Јас сум изненаден од тоа колку општествено одговорни компании сакаат да помогнат и да се вклучат во акциите на пошумување, донираат садници и тоа е многу добро. Ме радува уште повеќе тоа што децата од најрана возраст сакаат да садат дрвца. Ги вклучуваме и учениците од основните и од средните училишта во процесот на пошумување. Пошумуваме секаде каде што површините не се пасишта и на државно земјиште каде што има голини. Имаме наши сопствени расадници.

Во периодот од 2012 до 2017 година бев директор во Струмица што каде имавме еден од најголемите и најубави расадници. Заминав оттаму со неколку почнати проекти, како што е проектот за враќање на автохтоните плодоносни диви садници на планините околу Струмица. Нашите шумочуварски служби собираа семиња од тие дивоизраснати дрвја. Направивме саден материјал кој по 2 години го враќавме таму, на тие предели каде што природата  укажала дека таа садница токму таму најдобро ќе егзистира.

Но, новото раководство од 2017 година ги прекина сите проекти, вклучително и овој. Лани затекнавме расадници во многу лоша состојба. Во расадникот во Струмица затекнав прашума. Имаше капини високи и по два метра. Таму никој не погледнал со години.

Неодамна бев на неколку локации каде што извршивме враќање на автохтоните садници. И она што го видов, ме остави без зборови. Тоа се веќе прекрасни дрвја кои продуцирале диви јаболка, диви крушки, т. е. плодови што се храна за дивечот (диви свињи, лисици).

Во тој период договарав средби со планинарски друштва, ловни здруженија и со љубители на природата за да направиме некакви заеднички проекти во насока на оплеменување на биодиверзитетот. Одевме дотаму кај добар дел од садниците да направиме калемење, па се случуваше половина дрво да дава диви јаболка, а другата половина питоми јаболка. Неверојатно е колку може природата да направи симбиоза. Потребни се волја, идеи и желба за да се изреализира сето тоа.

Ние сме поднебје со огромен број сончеви денови и со структурата на почвата и на природата можеме да направиме безброј вакви работи и да овозможиме и ние и туристите што доаѓаат да дојдат и да ја видат Македонија во поинаква светлина. Скопје, Струмица и други градови во земјава постојано се на врвот на градови со високо аерозагадување во светот, не на Балканот или во Европа. Нас нè споредуваа со земји со екстремно загаден воздух, една причините е немањето доволен зелен појас.

Откако сум заменик-генерален директор во ЈП „Национални шуми“, честопати сум на терен и во околината на Скопје – Скопска Црна Гора, Китка итн. Она што се случувало низ годините наназад, за волја на вистината, е еден од многуте битни сегменти што придонел градот Скопје, за жал, да е еден на најзагадените градови.

*Имате ли во ЈП „Национални шуми“ стратегија за полесно справување со климатските промени?

– Ќе мораме да работиме на заедничка стратегија што ќе опфати повеќе сегменти, не само обновување на површините. Заедно со Шумарскиот факултет и со  други експерти ќе мора да направиме добра опсервација. И ние како држава не сме имуни на климатските промени и подложни сме на опустинување. Самите садници што ги има тука ќе мора сами природно да се аклиматизираат, што значи ќе мораат да го менуваат својот раст и развој, а ние заедно со стручната фела ќе можеме полесно да го премостиме. Да не ја оставиме природата сама да се бори со тие садници, туку ние да ѝ помогнеме. Имавме долг период без врнежи и растенијата се приспособуваат на тоа.

Треба да направиме добра опсервација која ќе ни даде патоказ што треба да правиме во иднина. Не е целта да излеземе и да пошумиме „ради реда“, како што се вели. Претходно, треба да направиме добра анализа на почвата и она што ни го кажува хидробилогијата околу очекувањата за температурата. Војната во Украина не ни е многу далеку, Чернобил повторно се актуализира, сето тоа влијае на глобалното затоплување и на климата. Како јавно претпријатие, мора да размислуваме како научна институција и како да се спротивставиме на климатските промени. Ако во наша близина има состојби како војната во Украина, ние овде треба да ги зголемиме нашиот удел во зазеленување, во зачувување на природата за да може планетава да има корист и да може да го издржи она што се случува. Без наша помош, ангажман и без сериозен пристап, природата не може да опстане сама.

Оние што сме ги затекнале во некакви форми на дрвокрадство , јас ги повикувам да дојдат и да се вклучат во нормалниот процес на производство. Ние кубуриме со кадар, ни требаат луѓе од секакви профили. Тие луѓе краделе дрва со години и се искусни во тоа, ние ќе ги вклучиме во системот на сеча да примаат плата, да не бидат од другата страна на законот.

*Го споменавте дрвокрадството. Вие ги повикувате да се вклучат во легалните канали на сечење на дрва, но очигледно е дека во дрвокрадството се вртат многу пари.

– Има некои податоци кои говорат дека на годишно ниво се вртат стотина милиони евра. Пред неколку месеци имаше акција во Берово, каде што МВР излезе со груби податоци дека штетата што е причинета на таа планина во изминативе неколку години, е стотина милиони евра. Значи, се работи за огромни пари. Очигледно е дека ќарот „на црно“ им е голем. Ако дрвата ги продаваат 4-5 илјади денари за кубик, трошокот им е многу помал, затоа што ако дојдат кај нас, би работеле за плата. Честопати кажувам – некој оди да краде, десетина пати ќе украде, ќе купи возило, но кога ќе биде фатен ќе заврши в затвор, ќе му се одземе возилото, трајно ќе биде обележан како криминалец во општеството. Ако некој стави на вага, тогаш сметам дека подобро би било да дојде кај нас и да работи за плата отколку да се носи со сиот товар ако е од другата страна на законот.

*Очигледно е дека сето тоа е организирано. Кои се најголемите жаришта на дрвокрадството?

– Во најголем дел, да. Без институционална поддршка, многу ретко некој во Македонија се дрзнува да краде. Има неколку жаришта во Македонија каде што сè уште дрвокрадците работат самостојно. Има групи од неколку населени места во општина Струмица, општина Босилово, дел од нив крадат на планината Огражден, дел на планината Дарван, дел на Еленица. Тие луѓе одат или со запрежни коли или со моторни возила и без никаква поддршка од институциите. Такви структури има и во Струшко и во околината на Скопје, поизразена структура има и во околината на Прилеп, но има и неколку точки кои се на удар на ситни дрвокрадци.

За разлика од нов, има структури кои се добро организирани на другата страна на законот. Таква структура е онаа што ја разобличивме пред јавноста токму со акцијата во Берово. Таму утврдивме дека во спрега биле наши вработени во ЈП „Национални шуми“, вработени во МВР, вработени во шумската полиција, вработени во граничната полиција. Нема институција што не била вмрежена во таа приказна.

Од 2024 година наваму, бројката на кражби, во огромна мера, е намалена. Ако во минатото повеќе од половина од граѓаните се снабдувале со крадено огревно дрво, сега сликата во огромна мера е сменета. Во 2023 година производството на ЈП „Македонски шуми“ беше преку 200 илјади кубни метри, немаше никаков проблем за огревно дрво. Сите беа снабдени, а знаеме дека потребите во Македонија се преку 500-600 илјади кубни метри дрва. Што значи сме произвеле 250 илјади, а другите од каде дошле? Не паднале од небо, ниту се увезени. Оваа година имаме релативно поголемо производство, има солидна бројка на приватници кои си работат, но на пазарот се појавува недостаток на огревно дрво.

*Сакам малку да позборуваме за пожарите. Летово, за време на пожарите, ние медиумите добивавме информации што се случува на терен од Стојанче Ангелов и од Кире Михаилов. Кажете ми нешто што не сте го кажале во врска со пожарите. Дали е тоа природна непогода поради многу топлото време или како што беше кажувано, дека тоа е дело на пиромани?

– Има многу работи што не се кажани. Да, имаше преку 2 илјади пожари само во два месеца, верувајте дека стотици романи можат да се напишат од секој поединечен пожар. Јас бев секојдневно на терен на повеќе пожари. Во 2024 година бев да им дадам поддршка на нашите вработени кои работеа без здравствено осигурување, без соодветна опрема и без плати. Верувајте, во таква ситуација да излезете и да се борите со преку 2 илјади огнени стихии е на работ, би рекол, на ненормалност. Во нормално општество човек ќе рече, со што ме стимулира државата да го правам ова. Но, желбата кај луѓето да се спаси она што може, беше огромна. Ние, како народ и нација, и во минатото и сега покажавме дека сме тврд костен и тогаш кога е најпотребно, максимално се жртвуваме за нашата држава. Таму немаше политика, таму немаше партија, таму немаше ништо. Сите, едноставно, застанаа на браникот на татковината.

Со моето присуство им давав мотивација на луѓето. Честопати се случуваше да кажат – директорот е дојден, како јас да не отидам. Тоа беше во 2024 година, кога старите структури уште не беа целосно заменети и не помагаа. Сакавме да утврдиме дали некој пожар настанал природно или поради некој пироман. Тогаш тешко доаѓавме до одговори. Таа година потешко ја истуркавме, со големи жртви, безмалку цела планина Серта ни изгоре. Беше направена огромна штета од пожарите, а преку 600 илјади кубни метри беа зафатени.

Но, тоа не значи дека сите тие дрва се целосно уништени. Дополнителните анализи го покажаа тоа.

*Токму тоа е моето следно прашање. Неофицијално, во јавноста се говори дека некој во „Национални шуми“ договарал токму овие дрва што биле зафатени, но не целосно изгорени, да се исечат и да се продаваат како изгорено дрво. Дали е тоа точно?

– Ќе ви кажам конкретен пример. Во 2021 година, пожари ги зафатија Малешевските Планини. Таму ни изгореа огромни површини од прекрасни долгогодишни борови. Иако површините беа огромни на добар дел од тие површини, дрвата воопшто не беа чепнати од пламените јазици. Некаде пожарот поминал приземно по тревата. Онаму каде што шумата формирала густ склоп, поради сенката, многу малку растенија егзистираат долу на почвата. И во текот на ноќта каде што поминал пожарот, тој буквално лази.

На огромни површини пламените јазици биле приземни. За волја на вистината, тогашната власт почна да сече сè. Тоа што го детектирав таму беше обратна ситуација. На терен увидов дека некој оддел е целосно пеплосан – од коренот до врвот беа дрвјата јагленосани. Но, тие оддели не беа исчистени, сечите беа во здравите оддели каде што се гледа дека се сечел здрав, прекрасен труп што бил прва класа. Беа поднесени прекршочни пријави за кои немам информација како завршија. Тогаш тврдев дека тогашното раководство на ЈП „Национални шуми“ ги продавало тие дрва по цена на, условно кажано, на чипс. Значи многу евтино. Тоа што краделе е друга работа и колку дрвна маса е продадена по смешна цена, а квалитетот е прва класа.

На Вашето прашање дека некој подметнувал пожар за да добие изгорена дрвна маса, тврдам дека имало такви случаи. Лани беа фатени татко и син во Велес, кои имале допирна точка со шумарството. Подметнаа пожар на оддел со висококвалитетни дабови дрва за да изгори, потоа врз основа на решенија да го посечат по релативно евтина цена. Ова не е изолиран случај. И во минатото имало луѓе со такви амбиции  Самата забрана за движење во шума ги оневозможи луѓето да дојдат до такви ситуации. Годинава, најголем број пожарите, преку 80 – 90 проценти, започнаа во нешумски подрачја (на земјоделски површини, на пасишта итн.) и дел од нив се префрлија во шума и настанаа околу 250 шумски пожари. Многу малку имаме класичен шумски пожар директно настанат во шума, некои од гром, некои од човечки фактор, меѓутоа и од ловџии, планинари, сточари…

*Јавноста бара одговори и решенија. Што преземате во тој поглед?

– Добар дел од граѓаните сакаат решение преку ноќ. Полека го стабилизираме претпријатието. Редовно им се исплаќаат плата и придонеси на вработените, годинава набавивме соодветна опрема за сите оние што ќе учествуваат во гаснење на пожари, односно одела за сите работоспособни. И покрај тоа што имаме повеќе од 150 шумочувари, голем број од нив имаат повеќе од 55 години и согласно со закон, тие не смеат да учествуваат во гасење пожари. Тие што поминаа соодветни обуки добија и соодветна опрема – одело, шлем за да кога ќе излезат на терен да бидат заштитени.

Возилата што ги затекнавме се невидена руина. Булдожерите се стари, а основна задача е да има добри, проодни проширени шумски патишта, тие се природни брани на пожарите. Пожарот во шума ретко се гаси гради во гради, таму постои опасност да дувне ветар од другата страна и да ги изгори оние што гасат.  Пожарот секогаш сме го чекале на места каде што може да го спречиш или со одредена контра да го задушиш. Не можат да го направат тоа со кратки ракави.

Значи, со зголемување на производството и со намалување на кражбите, полека застанувавме на здрави нозе.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: Петр Стојановски

 

 

ИЗДВОЕНИ