Јавниот обвинител ја отфрли анонимната кривична пријава против директорот на АНБ Бојан Христовски во која тој се обвинуваше за лажен сертификат по англиски јазик издаден од училиште во Бугарија. Иако македонското обвинителство побарало од бугарските колеги да го проверат Центарот од каде што бил издаден сертификатот „Јулија КО ЛТД“ сепак сопственичката не била достапна за сведочење, па меѓународната правна помош не била од корист.
По ова, ОЈО Скопје тргнало да ги истражува сертификатите за познавање на англиски јазик од поранешното работно место на Христовски, Градски паркинзи и од битолскиот универзитет каде бил асистент. Тогаш истражителите откриле дека Христовски имал уште еден документ за знаење на англиски, сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени, положен од дома, он лајн, преку Испитниот центар за Република Бугарија. При проверките на другиот сертификат било утврдено дека Христовски можел да полага ТОЕФЛ од дома. Сепак поради временскиот период од полагањето, до денес, обвинителот не може со сигурност да каже дали документот е веродостоен.
„ Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот“ објаснуваат од ОЈО и додаваат дека „По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагањe на TOEFL ibt тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD“ објаснуваат од ОЈО
Па така директорот на АНБ со друг сефртификат направен без намера да биде лажен , но сепак непроверлив за ОЈО „не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор“, вели надлежниот обвинител .
Од ОЈО на крај од соопштението се повикаа и на другите институции Просветниот инспекторат и Антикорупциска кои го истражувале сертификатот на Христовски и не утврдиле никакви неправилности.