Голема полициска операција за зголемена контрола на сообраќајот се спроведува на улиците низ Хрватска денес од 10 до 16 часот. Полицијата, покрај целата достапна технологија, за прв пат ќе користи дронови за следење на однесувањето на возачите од воздух, сето тоа со цел зголемување на безбедноста и намалување на бројот на сериозни несреќи, објави Полициската управа.
За време на шестчасовната операција, објави Полициската управа, максимален број полицајци ќе бидат на патиштата низ Хрватска, со целата достапна опрема – од радарски уреди до беспилотни летала.
Дронови, управувани од специјално обучени службеници, ќе го следат сообраќајот од воздух со цел побрзо и попрецизно откривање на прекршоци, објави полицијата.
Полицијата ќе се фокусира на санкционирање на најчестите и опасни прекршоци што доведуваат до сериозни несреќи. Тие вклучуваат пребрзо возење, возење под дејство на алкохол и дрога, некористење безбедносни појаси и детски седишта и користење мобилен телефон при возење.
Посебно внимание ќе се посвети и на возачите на мопеди и мотоцикли, првенствено за прекршоци како што се поминување на црвено светло и неправилно престигнување.
Полициската управа предупредува на загрижувачка статистика. Од почетокот на оваа година, 228 лица загинаа на хрватските патишта, што е за 24 повеќе отколку во истиот период минатата година. Ова е зголемување од речиси 12 проценти, што, велат тие, е јасен сигнал дека безбедносните мерки мора да се зајакнат.
„Ги повикуваме сите учесници во сообраќајот да се однесуваат одговорно и доследно да ги почитуваат сообраќајните прописи со цел да се заштити секој живот на нашите патишта“, соопшти полицијата.












