Олимпискиот вицешампион во пинг-понг, Трулс Морегард (23), неодамна се здоби со бизарна повреда во текот на тренинг, откако беше погоден од дрон. „Сребрениот“ од Париз доживеа чудна несреќа кога го удри дрон во текот на тренинг.
- Дронот удри во светлосна прачка од столб, се урна на подот и отскокна нагоре удирајќи ме во раката – изјави олимпискиот вицешампион за шведскиот весник „Дагенс нихетер“.
Морегард рече дека не влијаела несреќата во неговиот роден град, Еслов, на неговите подготовки за Светското првенство во Доха, кое ќе започне на 17 мај. Шведскиот пингпонгар освои два сребрени медала на Олимписките игри во Париз. Во поединечна конкуренција, тој загуби во финалето од Кинезот Фан Жендонг и беше втор со шведската репрезентација, во екипниот дел од натпреварувањето, зад Кина.