Со приклучувањето кон СЕПА се овозможија значително поевтини, побрзи и поедноставени плаќања во евра. Конкретните ефекти врз надоместоците зависат од банката и од каналот на плаќање, но тарифниците на деветте банки кои во октомври се интегрираа во системот покажуваат значително намалување на трошоците.

Кај граѓаните, за електронско плаќање од 500 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски надоместок е намален шесткратно — од околу 26 евра преку кореспондентски банки на околу 4 евра преку СЕПА. Одредени банки, во зависност од каналот на плаќање, овозможуваат и електронски одливни трансакции со провизија од само 1 евро.

Кај компаниите намалувањето е уште поизразено. За плаќање од 20.000 евра кон земјите од СЕПА, просечниот банкарски трошок е намален осумпати — од околу 77 евра на приближно 9 евра. Ова директно придонесува за зголемување на конкурентноста на домашните компании, преку намалување на трансакциските трошоци и подобрување на ликвидноста.

Игор Величковски, директор на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи во Народната банка, вели дека по приклучувањето на земјата кон СЕПА во октомври 2025 година, се бележи значително зголемен интерес и користење на услугите и од страна на компаниите и од граѓаните. Повеќе од половината од вкупниот број плаќања во евра кон земјите членки на СЕПА веќе се реализираат преку платежната шема за кредитни трансфери.

Величковски посочува дека граѓаните умерено предничат пред компаниите во користењето на оваа услуга, при што над 60 проценти од нивните плаќања во евра кон земјите членки се извршуваат преку СЕПА. Кај бизнис-секторот, најактивни се извозно-увозните компании со редовни трансакции со партнери од Европската Унија, при што речиси половина од плаќањата во евра на домашните компании веќе се реализираат преку овој систем.

Иако станува збор за релативно нов механизам, очекувањата се дека неговата употреба ќе продолжи да расте, паралелно со зголемувањето на информираноста и довербата кај корисниците, промената на навиките и натамошното унапредување на дигиталните канали од страна на банките. Интеграцијата во СЕПА значи дека прекуграничните плаќања во евра постепено се изедначуваат со условите што важат во Европската Унинија, што претставува важен чекор кон продлабочување на финансиската интеграција и понатамошно унапредување на националниот платен систем.

ИЗДВОЕНИ