Претседателот Доналд Трамп денеска ја суспендираше програмата за лотарија за визи за разновидност, позната и како лотарија за зелена карта, преку која осомничениот за пукањето на Универзитетот Браун и убиството на професор на МИТ влегол во Соединетите Држави.
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем објави на Икс дека, по налог на Трамп, им наложила на американските служби за државјанство и имиграција да ја суспендираат програмата, објави АП.
„На оваа гнасна личност никогаш не требало да ѝ се дозволи влез во нашата земја“, рече Ноем, осврнувајќи се на осомничениот, португалскиот државјанин Клаудио Невес Валенте.
Невес Валенте, 48, е осомничен за пукањето на Универзитетот Браун во кое загинаа двајца студенти, а девет други беа ранети, како и за убиството на професор на Технолошкиот институт во Масачусетс.
Службениците соопштија дека Невес Валенте е пронајден мртов синоќа од самонанесена прострелна рана.
Според полицијата во Провиденс, Невес Валенте бил студент на Универзитетот Браун од 2000 година.
Тој добил виза за разновидност во 2017 година и добил статус на постојан легален престој во Соединетите Држави неколку месеци подоцна, се наведува во судскиот документ.
Неговото место на живеење помеѓу напуштањето на колеџот во 2001 година и добивањето на визата во 2017 година не било веднаш познато.
Програмата за виза за разновидност доделува до 50.000 зелени карти секоја година преку лотарија на граѓани на земји кои се недоволно застапени во имиграциските текови во Соединетите Држави, од кои многу се во Африка.
Програмата е воспоставена со акт на Конгресот, а се очекува суспензијата „скоро сигурно да доведе до правни предизвици“.
Речиси 20 милиони луѓе аплицирале за лотаријата за визи во 2025 година, а повеќе од 131.000 кандидати биле избрани, вклучувајќи ги и членовите на семејствата на победниците.
По изборите, кандидатите се подложени на безбедносни и административни проверки за да им биде дозволено да влезат во Соединетите Држави.












