Драмскиот театар – Скопје со две претстави утре ќе гостува во Местно гледалишче љубљанско (МГЛ) во рамки на регионалниот театарски фестивал РУТА, што се одржува од 29 јануари до 4 февруари во Љубљана. Станува збор за претставите „Кармен“ и „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“.
Овој ревијален фестивал од 2019 година на секои два месеци обединува шест театарски куќи од регионот на фестивалската сцена.
Инаку, Драмски театар – Скопје, сараевскиот Камерни театар 55, Београдско драмско позориште, Казалиште „Улисис“ од Загреб, Центарот за култура од Тиват (Црна Гора) и домаќинот – Местно гледалишче љубљанско (МГЛ), пред словенечката публика покрај со копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или туѓото го сакаме – нашето не го даваме“, ќе се претстават и со претстави од драмската продукција на матичните куќи, во кои играат реномирани театарски и филмски имиња од регионалниот културен простор.

Во копродукциската претставата „Плејбои…“, работена по текст на Душан Јовановиќ во режија на Иван Пеновиќ играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. По премиерата во август минатата година во Будва, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје и во Белград. Гостувањето во Љубљана ќе биде дванаесеттата изведба на оваа претстава.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, пак, на фестивалот РУТА во Љубљана ќе ја изведе монодрамата „Кармен“ работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски. Монодрамата од својата премиера во 2021 година има 47 изведби и учество на повеќе меѓународни театарски фестивали.
Како фестивалска активност и на словенечкиот фестивал РУТА, по изведбите на претставите се организираат разговори со уметниците. Оваа година тркалезните маси ги водат драматурзите Петра Погоревц и Нина Куцлар-Стиковиќ.
Основната цел на РУТА иницирана уште од самиот почеток е со зајакнувањето на културните врски и надминувањето на националните граници да се создаде простор за нови уметнички соработки. Со текот на годините, фестивалот стана препознатлив настан кој не е само прослава на театарот туку и можност уметниците, техничките тимови и театарската публика на едно место да ги разменат своите искуства и да иницираат нови проекти.












