„Куршуми над Бродвеј“ новата претстава во режија на Ненад Витанов, според текст на Вуди Ален и Даглас Мекграт, завчеравечер ја имаше својата премиерна изведба пред публиката во полната сала на Драмски театар – Скопје. Овој театар дефинитивно ја има новата хит-претстава, за што доказ беа и бурните стоечки аплаузи и овации со кои присутните ја наградија одличната актерска игра, но и целиот тим кој работеше на нејзина подготовка.

Црната комедија „Куршуми над Бродвеј“ не само што ја воодушеви и насмеја, туку и ја натера публиката длабоко да размисли за моралните вредности.

Самиот режисер Витанов, чија претстава е драматуршка обработка и адаптација на познатиот филм „Куршуми над Бродвеј“, од 1994, номиниран во седум категории за наградата „Оскар“, меѓу кои и за најдобро сценарио, меѓудругото вели: „’Куршуми над Бродвеј’, е приказна за моралните и реалните ‘убиства’ зад сцената. Карактеристично за делата на Вуди Ален е тоа што преку забава ја доведуваат комедијата до најдлабоките филозофски теми…“.

Директорот на бродвејскиот театар „Мороско“ Џулијан Маркс (го глуми актерот Роберт Вељановски, кој е и директор на Драмскиот театар – Скопје), пак, во претставата во еден момент вели „Театарот е уметност на невозможни решенија…“.

А во театарот, како впрочем и во животот, сѐ e можно, па така токму неверојатните решенија кои се провлекуваат низ процесот на создавање на една претстава, во која се спојуваат мафијата и уметноста, со цел таа да стане хит, е она што прави гледачот да ја проследи во еден здив. Особено кога ликовите во претставата се толкувани од реномираните актери Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Александра Павлова – Бубања, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Роберт Вељановски, Златко Митревски, Ања Митиќ, Денис Абдула, a гостуваат и двајца студенти по актерска игра.

Инаку, главен лик во претставата е Дејвид Шејн (Игор Стојчевски), млад идеалистички настроен драмски писател, кој неодамна влегува во „големиот бизнис“ на создавање претстави. Тој очајно се обидува да најде театар кој ќе ја продуцира неговата најнова драма. Директорот на театарот, каде што ја поставил неговата последна драма со слаб успех кај критиката и публиката, добива неочекуван повик од локалниот мафијашки бос. Имено, мафијашот Ник Валенти (Александар Степанулески) сака да ја финансира претставата, но има само еден услов – неговата девојка и поранешна стриптизета, Оливија Нил (Јована Спасиќ), да ја добие една од главните улоги. Таа пак, освен што е „шармантна“ нема никакви познавања од актерство.

Дејвид склучува фаустовски пакт – ја продава својата душа за своето дело, со цел тоа да живее…

На сцената се судруваат световите на актерите, авторите, режисерите и гангстерите – секој со своја вистина и секој со своја цена. Изтовремено се провлекува прашањето кои сме ние кога велиме „јас сум уметник“, и кој останува кога велиме „јас сум човек“?
Во претставата ништо не е невозможно, па така и еден мафијаш, убиец за Коза Ностра, Чич (Сашо Тасевски) да има подобри идеи од самиот писател и режисер на претставата.  Тој точно знае како да се направи генијална претстава која на сите ќе им се допадне и ќе биде атрактивна за публика…

Целата драма околу правење на претставата на сцената ја надополнуваат и одличните Јелена Жугиќ која ја глуми Хелен Синклер, актерска дива, но и алкохоличарка, Предраг Павловски како познат актер Вернер Персел, кој не може да се воздржи од јадење и Калина Наумовска, во улога на позната актерка Еден Брент која е невротична сопственичка на куче кое го носи со себе на пробите…
Секако претставата ја прават атрактивна и сите останати ликови.

Во „Куршуми над Бродвеј“ костимографијата ѝ е доверена на Елена Вангеловска, сценографијата на Филип Витанов, а за кореографијата е задолжена Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска.
Работењето на „Куршуми над Бродвеј“ е второ гостување на режисерот Витанов во Драмски театар.

Репризата на претставата е на 22 октомври, а третата изведба ќе биде на 27 октомври во рамките на фестивалот на Регионалната унија на театрите РУТА, што годинава ќе се одржи од 25 до 31 октомври во Драмски театар Скопје. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ