Драмски театар Скопје отворањето на новата театарска сезона ќе го започне со проектот „Денови на независната продукција“.
– Со овој проект, Драмски ја продолжува традицијата на поддршка на уметниците од независната сцена. Преку Јавен повик објавен на веб-страницата на Драмски и на социјалните мрежи, театарот ги повикува уметниците да аплицираат за термин за изведба на претстава во продукција на независната сцена. Јавниот повик е отворен до 1 септември, соопштуваат оттаму.
Додаваат дека деновите на претставите од независната продукција ќе се одржат од 9 до 19 септември, а публиката ќе има можност да проследи и поддржи претстави од поновата продукција на независната сцена кои со својата разновидност ќе го збогатат редовниот репертоар на Драмски.
– По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на Јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што овозможува изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти. Со поддршката на независната сцена, Драмски иницира создавање на силна мрежа на театарската заедница од различни генерации актери, режисери, драматичари, сценографи, костимографи и мултимедијални уметници. Проектот „Денови на независната продукција“ е замислен како платформа за контакти на уметници кои внесуваат свежина, динамика, понекогаш и неконвенционален пристап во процесот на создавање на театарските претстави, што може да води до идни соработки, копродукции и проекти, посочуваат оттаму.
Во тек конкурс за наградата „Горан Стефановски“
На веб-страницата на Драмски во тек е и Конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
– Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување на нови драматуршки текстови, Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор Горан Стефановски. Преку овој конкурс, театарот сака да даде поддршка на драмско творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма. Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постојни книжевни или драмски форми. Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април, потсетуваат од Драмски.
Наградата се состои од паричен дел во износ од 60.000 денари; потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар Скопје; продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на конкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во Драмски, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
– Со оваа награда, Драмски ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот, додаваат оттаму.