Драмската група „Дон Кихот“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ е формирана 1995 година од професорката по македонски јазик и литература, Даниела Џишева. Активно работи веќе 30 години. Досега има реализирано преку 40 театарски претстави, многу културни манифестации, поетско-музички вечери и промоции на книги. „Бунт во домот за старци“ од Венко Андоновски, „Чернодрински се враќа дома“ од Горан Стефановски, „Скржавецот“ од Молиер, „Кројач за дами“ на текст од Жорж Фејдо, се само некои од тие претстави. Во групата до денес зеле учество повеќе од 300 членови

Драмската група „Дон Кихот“ при СОУ „Јосиф Јосифовски“ е „претплатена“ на голем број награди, особено на фестивалот „Утринска Ѕвезда“ во Банско, Република Бугарија, како и на аматерските сцени ширум државата. Овие бројки зборуваат многу, но обично се вели дека драмската уметност не се мери со статистика, таа љуби да се вреднува со аплаузите на публиката, со солзите и со насмевките на оние за кои актерите живеат и глумат на сцена. Ако е така, тогаш со право може да се каже дека драмската група „Дон Кихот“, сите овие години, успешно ја толкува својата театарска ролја во културниот живот на Гевгелија. Затоа, со право се добитници на сребрената плакета по повод празникот на општина Гевгелија во 2019 година.
За трите децении на оваа интересна драмска група, за весникот „ВЕЧЕР“, разговараме со идејниот творец на „Дон Кихот“, професорката и воедно режисерка, Даниела Џишева.
Да Ве вратам 30 години назад, како настана проектот „Дон Кихот“, која беше мислата водилка кога решивте да формирате драмска група?
Љубовта кон театарот се роди многу одамна, како член на Драмското студио при Пионерскиот дом во Гевгелија. Но, моето вистинско запознавање со тој магичен свет започна за време на моите студии во Скопје. Се сеќавам, во МНТ гостуваше белградскиот театар со претставата „Довикување на птиците“ од Аристофан, во режија на славниот босански режисер Харис Пашовиќ, со најпознатите актери на тоа време, Мики Манојловиќ и Мирјана Карановиќ. Таа претстава ја носам со години. Во неа ја видов сета моќ на театарот. И оттогаш знаев дека театарот станува мој сон, мој копнеж, мое – јас. Театарот, всушност, стана мој нов дом, се редеа претстави, не постоеше претстава што ја немав гледано, некои и по неколку пати. Кога по дипломирањето се вратив во Гевгелија, веднаш ја почувствував празнината од отсуството на театар. Размислував дека ако нема театар, можеме да го создадеме сами. Така се роди драмската група „Дон Кихот“, од љубов, од потреба, од тврдоглава верба дека театарот не е привилегија само на големите градови.
Се сеќавате ли на првата претстава, или барем на оние меѓу првите?
Секако дека се сеќавам. Започнавме амбициозно со две театарски претстави, една за возрасни „Викај ме и грне само немој да ме скршиш“ (театарски омнибус од познати монолози) и една новогодишна претстава за деца „Што ако има веавица, а Дедо Мраз добие кивавица“ од Афродита Кирјаковска. Две премиери со кои драмската група „Дон Кихот“ ја започна својата ролја во културниот живот на Гевгелија.
Низ групата поминале стотина ученици овие 30 години, како успевате да препознаете дали во нив го има она уметничко „жарче“, кое потоа заедно го разгорувате во подготовката на претставата?
Огромна е бројката на ученици кои во овие 30 години застанале на сцената на „Дон Кихот“. Секој што се запишал во драмската група носи во себе нешто што му припаѓа на театарот: љубов, талент, сјај во очите, желба… Кај некои, тоа жарче е скриено, но со охрабрување и поддршка, може да се разгори. Најважно е да се сака, а да се може – на тоа работиме заеднички.

Има ли кај денешните млади интерес за театарот, особено за оној аматерскиот, каков што е Вашиот, дали сакаат да глумат, да доаѓаат на проби?
Ме радува фактот што интересот за членување во драмската група ,,Дон Кихот“ е сè поголем. Честопати се шегувам се учениците дека не ми даваат да здивнам. Само што сме завршиле една претстава, тие прашуваат кога ќе почнеме со нова. Ме воодушевува нивната посветеност, енергијата со која влегуваат во улогите, желбата да ги доловат карактерите, нивната сплотеност и тимска работа која од нив прави едно семејство. Можеби немаме професионален театар, но имаме нешто подеднакво важно: срце кое чука на сцената што сами ја создадовме.
Како режисерка, дали Вие сама решавате која претстава ќе ја играте или тоа го правите заедно со групата?
Договорот за нова претстава е заеднички. Понекогаш јас им предлагам драмски текстови, тие одлучуваат. Понекогаш тие самите кажуваат што би сакале да работат. Но, искуството покажува дека младите повеќе сакаат да изведуваат комедии.
Дали и вашите проби започнуваат, како што кажал и великиот руски режисер, Станиславски, со разделување на претставата на периоди?
Подготвувањето на нова претстава започнува со избор на драмски текст. Потоа следува читање на текстот, дискусија за конфликтите во драмата и анализа на ликовите. Поделбата на улоги е можеби најтешкиот дел. Нашиот познат режисер, Љубиша Георгиевски, еднаш кажа, колку една претстава ќе биде добра зависи и од правилната поделба на улоги. Потоа доаѓа еден од најубавите моменти, кога приказната заживува преку различни гласови, а екипата почнува да дише во ист ритам. Вистинската радост се случува на сцена, кога актерите преку сценска игра почнуваат да ги отелотворуваат ликовите и да создаваат нова реалност.
Обично се вели дека драмската уметност не се мери со статистика, туку се вреднува со аплаузите на публиката, со солзите и со насмевките на оние за кои актерите живеат и глумат на сцена. Но, сепак, колку проекти имате создадено изминативе три децении, и каде сте ги одиграле?
Во овие 30 години, „Дон Кихот“ работи со две групи, една во СОУ „Јосиф Јосифовски“ под мое раководство и драмска група за возрасни, која моментално работи во Пионерскиот дом под раководство на Катица Џишева Дупарова. Досега имаме реализирано преку 40 претстави кои имаа своја премиера во Гевгелија. Со некои од нив имаме гостувано во Охрид, Струмица, Дојран, Валандово, Кавадарци, Крушево, Македонска Каменица, Скопје, Неготино и Богданци во Р С Македонија и во Албена и Банско во Р. Бугарија.
Се чини ,претплатени сте за награди како на МАССУМ, така и на фестивалот „Утринска ѕвезда“ во Банско, Република Бугарија. Која е тајната да се направи претстава која потоа ќе победи на некој театарски фестивал. Минатата година со „Буре барут“ бевте први во Банско, оваа година со „Адска машина“ освоивте две награди?
Годинава, со претставата ,,Адска машина“ од Венко Андоновски, на Меѓународниот фестивал на уметностите „Утринска ѕвезда“ во Банско, Р Бугарија, освоивме две награди – втора награда во категорија Најдобра театарска претстава и Најдобра машка улога за ученикот Костадин Узунов. Во претставата, освен Узунов, учествуваа учениците Јована Дупарова, Марија Илкова, Димитар Мајсторов, Бранко Проданов, Андреј Димов, Катерина Јовановска и Никола Јанковски. Тајната за успех на некој натпревар е добар текст, јасна визија на режисерот, посветеност на актерите, играње на улогите со страст,искрена емоција, сплотеност на екипата, енергија на сцена и најпосле силна желба да се победи. Овој рецепт за победа ни има донесено многу награди – први, втори и трети места на МАССУМ во категорија Најдобра драмска претстава и на „Утринска ѕвезда“ во Р Бугарија, како и двапати Гран при на фестивалот во Банско и во Албена.

Театарска претстава не може да се подготви без соработници. Кој сè соработува со Вас во претставите?
Создавањето театарска претстава е тимска работа. Сите овие години, многу луѓе помогнале да се ткае приказната за драмската група „Дон Кихот“, како сценографи, костимографи, музички соработници, аудио и видеосоработници, спонзори и сл. Некои од нив се Тони Аврамов, Ѓорге Јанев, Розета Картова, Ламбрина Лазаревска, Весна Ристова, Јасна Ризова, Александар Јанев, Александар Аврамов, Васко Шутаров и др.
Историјата на театарскиот живот во Гевгелија е многу интересна. Имало аматерски театар по ослободувањето, потоа се изградила и театарска сала. Во 1960 година, аматеризмот како да спласнува, за да се разгори 10 години потоа со драмската секција при КУД „Јосиф Јосифовски“. Со помош на Мите Грозданов се режираат неколку претстави кои се прикажувале во Македонија и тогашна Југославија, па во 1995 доаѓате вие. Има ли можност, во некојаси блиска иднина, Гевгелија да добие професионален театар?
Во минатото, Гевгелија имала богат театарски живот. Потоа следуваат долги години театарски молк кој трае до 1995, кога почна со работа драмската група „Дон Кихот“. За жал, драмската група со возрасни членови не работи во возобновениот театар, онаму каде што треба да работи. Фактот дека поранешни членови на „Дон Кихот“ дипломирале или се запишале на ФДУ (Бошко Бозаџиевски, Миле Узунов, Петар Стојанов – актерство и Ристе Алексовски – театарска режија) покажува дека постои интерес, но и можност во некоја блиска иднина Гевгелија да добие професионален театар.
И, на крајот, стандардното прашање, кои се наредните планови?
Најпрво да издадеме Монографија за 30-годишната работа на драмската група „Дон Кихот“, а потоа, секако, следува нова театарска претстава. Донкихотовците со нетрпение ја очекуваат. Ова го работиме само и единствено од љубов, аматери сме поради љубовта кон театарот, а не затоа што сме послаби од професионалците. Доаѓа време за нова претстава. Веста се шири. Очите на Донкихотовците болскотат. Значи, подготвени сме. Подготвени сме да ја ставиме маската на Талија или на Мелпомена, да го навлечеме рувото на Скомрахите и со острицата на зборот да тргнеме во нов драмски поход.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












