Драматичен лет Лондон – Глазгов: Македонец соборил патник со лажни закани за бомба

964

Патниците цел живот ќе го паметат летот на авиокомпанијата „еasyJet“ од аеродромот „Лутон“ во Лондон кон Глазгов, утрото на 27 јули и ќе го споменуваат Македонецот Зоран Настески со херојскиот потфат да го неутрализира човекот што се заканувал дека ќе го дигне авионот во воздух.

Како што објавија повеќе медиуми и според видеото објавено на социјалните мрежи, инцидентот се случил еден час по полетувањето на авионот на нискобуџетната компанија. Патникот, враќајќи се од тоалетот, почнал гласно да извикува заканувачки пароли, вклучувајќи и закани дека ќе го дигне авионот во воздух, како и повици: „Смрт за Америка!“, „Смрт за Трамп!“ и „Алаху Акбар“. За среќа, скопјанецот Зоран Настески, кој живее и работи во Англија, храбро интервенирал.

Настанот се случил утрото на 27 јули, а видеоснимките од инцидентот бргу се проширија на социјалните мрежи, предизвикувајќи реакции кај јавноста и кај медиумите, меѓу кои и „Њујорк пост“.

На снимката може да се чуе како извикува Настески: „Пи**а ти мате*ина“ додека го држи мажот до пристигнувањето на персоналот и му наредува да седи мирно. Екипажот и патниците биле во состојба на паника, но успеале да го задржат додека не слетал безбедно авионот во Глазгов. По слетувањето, полицијата веднаш го уапсила мажот. По детална проверка на авионот, не биле пронајдени експлозивни средства, а властите потврдија дека се работи за поединец што дејствувал сам. Авиокомпанијата „easyJet“ изјави дека безбедноста на патниците и на екипажот е нејзин апсолутен приоритет и дека инцидентот бил навремено решен со интервенција на полицијата.

Скопјанецот што реагирал прв и го спречил потенцијалниот напад доби бројни пофалби на социјалните мрежи за брзата и храбра реакција и во изјава за порталот „Сакам да кажам“ ја раскажал случката.

– Вчераутро (27 јули) заминав на одмор во Глазгов и десетина минути пред да слета авионот, покрај мене помина човек што држеше кафе и телефон во рацете. Прво, се исплашив дека ќе ме попари со жешкото кафе, па се тргнав настрана. Потоа, почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна. Патниците се исплашија, особено децата, кои почнаа да врескаат, а се исплаши и екипажот. Ми беше јасно дека лажно се заканува и сакав да ги заштитам патниците. Станав, го соборив на земја, му го зедов телефонот и му ги држев рацете сѐ до слетувањето. Потоа ми помогна уште еден патник, Англичанец, кој го држеше заедно со мене – изјавил Настески.

ИЗДВОЕНИ