Авион на „Туркиш ерлајнс“ од Истанбул до Барселона изврши итно слетување откако беше откриено дека еден патник го сменил името на својата интернет мрежа за да вклучи закана за бомба.
Директорот за комуникации на „Туркиш ерлајнс“, Јахја Устун, објави на социјалните мрежи дека за време на приближувањето кон Барселона на летот Истанбул-Барселона TK1853, е откриено дека еден патник создал точка за пристап до интернет за време на летот и го поставил името на мрежата да вклучи закана за бомба.
„После тоа, веднаш беа покренати потребните процедури во рамките на безбедноста на летот. По безбедното слетување на авионот, надлежните органи на земјата вршат проверки. Процесот се спроведува во рамките на меѓународните правила за безбедност во воздухопловството“, напиша тој, пренесува Хуриет.
Шпанската агенција EFE претходно објави дека авионот на турската компанија извршил итно слетување на аеродромот Ел Прат во Барселона поради пријава за закана за бомба.
Sembla que aquest avió de Turkish Airlines ha tingut algun problema i ha aterrat d’emergència al Prat. Ara està rodejat de serveis d’emergència apartat de les terminals, però sembla que la operativa segueix. S’ha sentit un soroll molt fort com d’avió de combat també. pic.twitter.com/B0qjKce2G3
— Trànsit Aeri de Catalunya (@FlightradarCAT) January 15, 2026
Шпанскиот оператор на аеродроми AENA објави дека аеродромот работи нормално и дека безбедносните служби ја проценуваат ситуацијата.
По дојавата, два борбени авиони го следеа авионот, кој требаше да слета во Барселона во 11 часот по локално време, а службите за итни случаи евакуираа околу 150 патници и ги извршија потребните проверки во авионот, Ербас А321 управуван од турска авиокомпанија, објави Паис.
Каталонската агенција за цивилна заштита го активираше планот Аерокет на ниво на тревога за да ја следи „ризичната ситуација“ на аеродромот.












