Драма на небото: Копилотот се онесвестил за време на летот додека капетанот бил во тоалет

82

Авион Ербас А321 на LUFTHANSA на релација Франкфурт – Севилја бил управуван со автопилот десет минути на 17 февруари 2024 година, бидејќи копилотот, кој останал сам во пилотската кабина додека пилотот одел во тоалет, се онесвестил, шпанските истражители објавија конечен извештај за минатогодишниот инцидент.

Луфтханза потврди дека е запознаена со извештајот и објави дека нејзиниот Оддел за безбедност на летови спроведе опсежна внатрешна истрага за инцидентот.

Но, компанијата не ги откри резултатите од истрагата. Објавата гласи: „Ве молиме за разбирање бидејќи немаме намера да коментираме надвор од извештајот од истрагата“.

Иако онесвестениот копилот очигледно ненамерно управувал со контролите, леталото продолжило да лета стабилно благодарение на автопилотот.

Истрагата покажала дека диктафонот снимил необични звуци во пилотската кабина во споменатото време и тие се совпаѓале со акутната медицинска состојба на копилотот, се вели во извештајот.

Околу 10 минути подоцна капетанот на авионот успеал да ја отвори безбедносната врата од пилотската кабина со помош на специјален код за итни случаи.

Капетанот прво се обидел да ја внесе вообичаената шифра за отворање на вратата пет пати, а тоа го активирало звучникот во пилотската кабина што требало да го предупреди копилотот да му ја отвори вратата на колегата. Но, бидејќи копилотот сè уште не реагирал, стјуардесата се обидела да го контактира преку телефонот во авионот.

Конечно, капетанот ја внел шифрата за итни случаи што му дозволува сам да ја отвори вратата. Меѓутоа, непосредно пред да се отвори вратата автоматски, копилотот ја отворил одвнатре, а во меѓувреме се освестил.

Со оглед на тоа дека неговиот колега не бил добро, пилотот решил непланирано да слета во Мадрид, каде копилотот бил пренесен во болница.

ИЗДВОЕНИ