Наградата за најдобар книжевен превод на македонски јазик „Драги“ за 2025 година ја доби Лидија Танушевска, за превод од полски јазик на делото „Емпусион“ од авторката Олга Токарчук во издание на „Антолог“.
– При преведувањето на романот „Емпусион“, Лидија Танушевска мошне успешно се справува со сложениот и сериозен предизвик на пренесување на стилските особености, јазичните структури, но и на културолошките слоеви од полскиот оригинал во македонскиот превод. Забележливо е вниманието што преведувачката го посветила на авторскиот стил, ритам и лексика, на тоновите, нијансите и на контекстите, трудејќи се автентично да ја вклопи во ткаењето на македонски јазик сложената наративна граѓа на Токарчук, проникната со многубројни рефлексии од филозофијата, психоанализата, општествено-историските процеси и феминизмот. Танушевска преведува мудро и внимателно, водејќи истовремено сметка и за необичноста на оригиналниот текст, но и за чувствителноста на „увото“ на македонскиот читател, кому му овозможува увид во еден комплексен книжевен свет, но истиот му го доближува низ артикулиран, богат, во голема мера очудувачки, а сепак „мазен“ и непречен јазичен тек – стои во образложението на жири-комисијата за доделување на наградата во состав проф. д-р Анастасија Ѓурчинова, претставник од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, д-р Јана Михајловска, член од семејството на Драги Михајловски и Иван Шопов, претставник одбран од издавачката куќа „Антолог“.
Од жири-комисијата нагласуваат дека годинава имале посебно тешка задача затоа што бил голем бројот на квалитетни преводи на значајни дела од светската книжевност, а за наградата се натпреварувале пет финалисти.
Покрај Танушевска, меѓу финалистите беа и Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“; Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“ и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Наградата „Драги“ беше воспоставена во 2022, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор кој остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн.