Дождот полека ги полни хидроакумулациите

39

Врнежите од дожд полека ги полнат хидроакумулациите во Струмичко. Поради сушниот период во сезоната на наводнување имаше распоред за пуштање вода од по три дена за повеќе атари во регионот.

Според раководителот на Подружницата „Струмичко поле“ при АД „Водостопанство на Македонија“, Костадин Стојанов, сè уште е рано да се каже кога ќе почне поголемиот прилив на вода во хидроакумулациите, но врнежите, кои почнаа и се најавува дека ќе продолжат, даваат голема доза оптимизам дека есенва и во зима нивото на водата во акумулациите ќе се зголеми.

– Според завчерашните мерења во најголемата акумулација „Турија“ имаме 11,5 милиони кубни метри вода од вкупно 50 милиони. Во „Водоча“, пак, завчера се измерени 9 милиони кубни метри вода од вкупен капацитет од 27 милиони кубни метри вода – информираше Стојанов.

Според него, и помалите акумулации „Новоселка“, „Чаушица“, „Иловица“ и „Маркова река“ бргу се полнат. Инаку, од акумулацијата „Турија“ градот Струмица и повеќе населени места трошат меѓу 5 и 6 милиони кубни метри вода за пиење годишно.

 

ИЗДВОЕНИ