сабота, јануари 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Дождот им помогна на пожарникарите, изгаснат пожарот во „Јасен“

Дождот им помогна на пожарникарите, изгаснат пожарот во „Јасен“

35

Дождот што заврна пред седум часот утринава и врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот што трае повеќе од десетина дена да биде изгаснат, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

– Но и покрај поголемото количество заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат, истакна директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. 

Од ДЗС апелираат граѓаните да бидат внимателни, со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

– Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112 – наведуваат од ДЗС.

Според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК)  до 12:00 часот на територија на цела држава биле регистрирани вкупно девет пожари на отворен простор, од кои два се активни, еден е под контрола, а шест се изгаснати.

Активни пожари има во општина Прилеп, кај село Беловодица – место викано Ливада и селото Лењиште, каде е зафатена букова шума и во општина Долнени, кај селата Стровија и Долгаец, каде гори мешана шума.

Во Скопскиот Регион се изгаснати пожарите на територија на општина Сопиште: кај браната на езерото Козјак  и во општина Студеничани – селата Горно Количани и Драчевица – планински врв Китка. Изгаснати се пожарите и во општина Кичево – село Душегубица, општина Велес – село Клуковец, општина Росоман – село Дебреште и во општина Демир Хисар – село Кутретино.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ