Доуредување на новиот парк „Страшо Пинџур“ во Кавадарци

15

Со засадување на нови садници, Општина Кавадарци денеска го доуредуваше новиот парк „Страшо Пинџур“ во рамките на средното училиште „Ѓорче Петров“.

Од Општината информираат дека граѓаните веќе уживаат во новите содржини на паркот, кој се простира на површина од 14.000 квадратни метри.

– При изградбата на овој парк во целост беше опфатена реконструкцијата на постојните игралишта (фудбалско и кошаркарско), се постави комплетна конструкција за кошеви и фудбалски голови, изградба на пешачки патеки, целосно осветлување на паркот и систем за наводнување. За да функционира беспрекорно овој парк, дополнително се поставени и детски реквизити, урбана опрема (канти за ѓубре, клупи, фонтана), а општината во соработка со средното училиште „Ѓорче Петров“ и со ЈП „Комуналец“– Кавадарци засадија 220 дрвја на површина од 10.000 квадратни метри зеленило. Наесен, кога ќе дозволат временските услови, ќе се продолжи со зголемување на зеленилото во овој парк – соопштија од локалната самоуправа.

Воедно, во соработка со Спортскиот центар „Јасмин“, вчера градежна екипа од ЈП „Комуналец“ ја заврши реконструкцијата на постојните скали и изгради нова пешачка патека за полесно и побезбедно движење.

– Со овие мали, но значајни зафати, се стремиме да го направиме просторот околу спортскиот центар поудобен и попристапен за сите што секојдневно го користат – нагласуваат од Општина Кавадарци.

 

 

ИЗДВОЕНИ