Доста со црвени линии за домашна употреба – време е за единствен настап надвор!

По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Наместо нови декларации за црвени линии, политичките партии да постигнат национален консензус за заеднички настап надвор од државата, им порача претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на политичарите во земјава. Во однос на писмото на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, до колегите од ЕУ, во кое вели дека иницијативата до Уставниот суд за оцена на уставноста на протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија е непотребна провокација, македонската претседателка е децидна дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари. Во исто време, европската комесарка за проширување, Марта Кос, порача од Копенхаген дека вратите на ЕУ се отворени за оние кандидати што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми, што се коси со нејзиниот став дека земјава ќе може да го продолжи пристапниот процес „штом Владата го промени Уставот“

76

Наместо нови декларации за црвени линии, политичките партии да постигнат национален консензус за заеднички настап надвор од државата, им порача претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на политичарите во земјава, по најавата од опозицискиот СДСМ дека ќе поднесе таков документ до Собранието. Таа вели дека е апсурдно по толку бели линии, сега да се зборува за црвени линии. Нејзината изјава доаѓа во момент на зголемени тензии околу уставните измени, оцената на уставноста на делови од Договорот за добрососедство со Бугарија и критиките од официјална Софија, пренесени преку писмото на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, до земјите членки на ЕУ.

– По толку бели линии, сега да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација, и тоа не само една туку имаме донесено неколку декларации во Собранието, и не беа почитувани. Дури и референдумски резултат не почитувавме, а камоли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку, сепак, посегне соседот по вето, ние ќе ги прекинеме преговорите – изјави претседателката.

Според неа, најважно е политичките партии и од опозицијата и од власта да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваат надвор.

– Ако така се однесуваа по средбата на која сите ѝ се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше. Ако лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и вака, дека ова е најдобро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваа кон нас. Ама да слушате аргументација – предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Првиот човек на Европската Унија, Кошта, за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако нема уставен основ за тоа. Па и првите уставни измени беа со одложено дејство, па и преспанските беа со одложено дејство – истакна Сиљановска-Давкова и додаде дека во највисокиот акт на државата, Уставот, пишува дека предлагач на уставните измени можат да бидат 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата, а не Европската Унија или соседите.

Во однос на писмото на шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, до колегите од ЕУ, во кое вели дека иницијативата за оцена на уставноста на протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка Лилјана Поповска, е непотребна провокација и правна апсурдна постапка, македонската претседателка беше децидна дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари, а одлуките на овој суд се конечни и не се коментираат.

– Непријатно ми е првин да коментирам вакви изјави како што е непријатно и да давате коментари за работата на Уставниот суд. Уставните судови се дури и надвор од поделбата на власта внатре во државата, сигурно не се под јурисдикција на соседни политичари. Ако некој повел постапка во Уставниот суд, Уставниот суд ќе реши дали има основ за проследување. Одлуките на уставните судови и во Бугарија и во Македонија се конечни и не се коментираат, јас дури ни тогаш не би ги коментирала – изјави претседателката Сиљановска- Давкова.

Шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев, во официјално писмо упатено до своите колеги, министрите на земјите членки на Европската Унија, изрази загриженост за, како што вели во него, континуираното одбивање на земјава да го спроведе Договорот со Бугарија и да ги исполни своите обврски, донесени на ниво на Унијата. Како што пренесе БГНЕС, во писмото адресирано до министрите за надворешни работи на земјите членки и дополнително до високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, и до еврокомесарката за проширување, Марта Кос, Георгиев пишува дека Бугарија јасно изјавила дека нема понатамошни услови кон својот сосед, освен она што е веќе договорено.

– Пакет договорот одобрен во јули 2022 година, на европско ниво, останува единствениот можен пат напред за оваа земја кандидат за ЕУ. За жал, наместо конструктивен дијалог и добрососедски односи, забележуваме политика на конфронтација, провокации и повлекување од преземените обврски, вклучително и насочено оспорување на клучните договори пред Уставниот суд во Скопје – стои во писмото.

Бугарскиот министер додава дека не е можно да се промени договорениот европски консензус или која било од неговите компоненти.

– Бугарија очекува соседната земја да ги исполни своите обврски со добра намера, на што самиот Европски совет постојано инсистира. Остануваме на ставот дека најдобро решение за иднината на Западен Балкан е учеството на сите држави во овој најуспешен проект наречен Европска Унија. Подготвени сме да му помогнеме на Скопје да го следи својот европски пат во процесот на реформи, во случај ако членството во обединета Европа е вистински избор на неговата влада – пишува бугарскиот шеф на дипломатијата.

Во исто време, еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по завршувањето на неформалниот состанок на министрите за европски прашања на членките на ЕУ и на кандидатите за членство во Копенхаген, порача дека вратите на ЕУ се отворени за оние кандидати што ќе ги исполнат Копенхашките критериуми.

– Копенхашките критериуми во минатото овозможија многу успешно проширување на ЕУ и процесот на прием на нови членки треба да продолжи да се гради врз нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилниот процес на проширување. Нашата Унија е отворена и тие врати ќе останат отворени за оние што целосно, праведно и транспарентно ќе ги исполнат Копенхашките критериуми – истакна Кос од Копенхаген.

Кос додаде дека ако сака да стане посилна, ЕУ ќе мора да го базира процесот на проширување на заслуги и на објективниот напредок постигнат од секоја земја кандидатка, при што приемот на секоја од нив ќе зависи од темпото на спроведување на реформите, нагласувајќи дека во случајот на земјава, „штом Владата го промени Уставот“, ќе може да продолжи нејзиниот пристапен процес. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ