Управниот одбор на Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на 32. седница ја усвои Завршната сметка за 2025 година, оценувајќи дека финансиското работење е позитивно и стабилно. Според директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи, Фондот навремено и целосно ги сервисирал обврските, а приходите и расходите се во рамки на планираното.
Директорот Никола Мемов информира дека активностите се реализираат согласно со планот, при што дигитализацијата на архивата во рамки на СИАП-проектот тече непречено и се очекува да заврши до 30 јуни. Намален е и бројот на нерешени предмети, особено во комисиите за процена на способноста.
Во вториот столб од пензискиот систем има 410.602 активни осигуреници. Досега 130 лица оствариле старосна пензија со исплата од двостолбниот систем, а 57 од нив, по исцрпување на средствата од индивидуалната сметка, примаат минимална пензија од Фондот.
Интересот за „докуп на стаж“ останува висок. Во 2025 година се поднесени 840 барања, од кои 791 се одобрени, 21 одбиено, а 11 се во постапка. По овој основ, заклучно со 31 декември 2025 година, Фондот наплатил преку 4,2 милијарди денари, односно околу 68 милиони евра.
Одборот ја разгледа и состојбата со наплатата на закупнините во домовите за пензионери. Кај станбениот простор наплатата се одвива редовно преку задршка од пензија, додека за два деловни простора договорите се раскинати поради прекршувања и ќе бидат повторно дадени под закуп по извршена процена.












