„Што се однесува до новинарите, секако дека тие имаат удел во воздигнувањето на еден уметник. Затоа што не можат сите да дојдат на моите настапи, а новинарите се оние што јавно ќе ја прераскажат мојата интерпретација“, вели Дорис Ди за порталот vecer.press

(Дуле МИЌИЌ)

Има само 16 години, а веќе постигна забележителни успеси на естрадата. Таа е поп-пејачка Дорис Димовска, која гордо го носи уметничкото име Дорис Ди. На неодамна одржаниот „Макфест 2025“, со својот емотивен настап со песната „Кога не ме сакаш“, беше една од најпријатните музички изненадувања. Текстот и музиката ги потпишува Весна Малинова, а аранжманот е дело на Давор Јордановски. Дорис Ди поседува извонредна уметничка зрелост, иако сè уште не е ниту полнолетна, но мајката природа ѝ подарила голем талент. Нејзините интерпретации секогаш оставаат силен впечаток и кај жирито и кај публиката. Зад себе, Дорис веќе има приличен број успешни настапи на европските и на домашните фестивали и музички натпревари: Во Италија на „Перформанс кап“, во Шпанија на „Фестивалот Браво“, во Хрватска на „Гласот на ѕвездите“, на нашиот „Охрид-фест 2024“, потоа и во Скопје на „Ваф контест 2024/2025“, во родниот Гостивар на познатиот „Парк фестивал 2025“. Исто така, ова лето беше мошне успешна и на „Охрид-фест 2025“, кога настапи во дует со Наум Бумбаровски, со песната „ Ден и ноќ“ и заслужено ја освои третата награда од публиката. На големата значајна манифестација „Ангел си ти“, во спомен на Тоше Проески во Крушево, Димовска одлично ги отпеа песните „Ако одам во Битола“ и „Море сокол пие“. Во сето тоа, голема улога има и познатата оперска пејачка, Ана Дурловска, која на Ди ѝ е менторка и неопислива поддршка. Едноставно кажано, публиката ѝ верува на Дорис дека кога ќе излезе на сцената, пеењето ќе биде супер и дека ќе уживаат додека ја слушаат во тие 3-4 минути.Деновиве, од прецизно испланираното време на шармантната гостиварка, ние од порталот vecer.press, успеавме да „украдеме“ половина час, во кој таа ни даде мошне интересни одговори на нашите интересни прашања:

0Покрај оваа макфестовска песна „Кога не ме сакаш“, за која изјавуваш дека е песна напишана за твојата душа, дали постојат и други такви песни, кои се, исто така, напишани за твојата душа, за кои уште не знаеме? 

– Не, досега само оваа песна е напишана за мене, односно за мојата душа. Другите песни ми беа дадени само да ги испеам. Но со оглед на тоа дека сум на почеток на мојата музичка кариера, се надевам дека ќе има уште песни кои ќе бидат направени за мојата душа.

0Кои се твоите мотивации за постигање успех на естрадата и за почесто присуство во медиумите, пишаните и електронските, всушност, каква е твојата комуникација и со нас, новинарите, сметаш ли дека новинарот може да го воздигне или да го уништи пејачот? 

 – Мојот успех на естрадата го гледам во мојот убав настап. Доколку имам настап на кој сум се покажала во најдобра светлина, тоа го сметам како едно скалило повеќе во постигнувањето успех и во мотивацијата за искачување на следното скалило во мојата кариера. Што се однесува до новинарите, секако дека тие имаат удел во воздигнувањето на еден уметник. Затоа што не можат сите да дојдат на моите настапи, а новинарите се оние што јавно ќе ја прераскажат мојата интерпретација, секако, доколку квалитетот на мојот настап бил на високо ниво.

0Дали покрај забавните песни пееш и народни, ако не од оние новосоздадените, барем од оние старите етномакедонски, од типот „Македонско девојче“, „Не кажувај либе добра ноќ“… напишани во нов модерен аранжман и што мислиш за тоа зачестено „препејување“, здосадено ли е или… треба уште повеќе?– Да, често се случува да пеам народни песни, обично на манифестации на кои сум поканета или доколку сум на некоја прослава на која моите блиски ќе посакаат да им запеам. Во однос на „препејувањето“, сметам дека тоа претставува начин со кој народните македонски песни ќе продолжат да живеат. Живееме во модерен свет, во кој ни треба модерен аранжман, согласно со времето во кое живееме.

0Дали си суеверна, а ако си, дали практикуваш некакви ритуали пред настапите или можеби во секојдневието, доколку, да речам, црна мачка ти го попречи патот, се враќаш ли, се прекрстуваш ли, дали си верник?

 – Ова прашање како да е погодено за мене. Многу сум суеверна, како пред настап, така и пред тест или испрашување во училиште. Строго практикувам одредени работи за кои сметам дека доколку не ги направам, нема да имам успех во активностите на училиште или на иден настап. Воедно сум голем верник, па без молитва не го почнувам и не го завршувам денот!

0 Според тебе, каде се крие магијата на сценскиот успех, дали исклучиво во песната и во пеењето или публиката бара пред себе да види и згодна пејачка со интересен провокативен имиџ, каде што до израз ќе дојде целата нејзина природна убавина?

– Според мене, основен темел за успешен настап е убава композиција и убав глас. Сето тоа да е проследено со самоуверен сценски настап, во кој имам „фидбек“ со публиката. Во однос на убавиот изглед на некој пејач, сметам дека тоа е само првичен впечаток на публиката, кој може да се изгуби доколку ги немаш погоре набројаните мои ставови за успешен настап. Во однос на провокативниот имиџ, обично не се согласувам со него бидејќи на оној што има убавина не му треба помалку парчиња облека за да ја покаже.

0Сметаш ли дека во денешно време на компјутеризација, во времето на интернет и на „Јутјуб“, фестивалските награди сè уште имаат значење за успехот на пејачот кој штотуку се пробива на сцената?

– Во денешно време, сè повеќе се намалува влијанието на фестивалските награди во успехот на еден пејач. Според мене, тоа е поради фактот дека младите сè помалку имаат интерес за гледање фестивали, како што тоа било порано. Младата публика сè повеќе е заинтересирана за некои куси видеа или „кавери“ што тие ги создаваат.0Како реагираш кога ќе прочиташ некој скандал, трач, озборување за твоите колеги и колешки од Македонија и од странство, дали остануваш без воздух и помислуваш дека тебе тоа никогаш не би можело да ти се случи или тоа го сметаш како составен дел од шоу-бизнисот?

– Никогаш не коментирам кога ќе прочитам за некој скандал или трач бидејќи многу од нив се невистинити, многу се направени само за гледаност. Не коментирам бидејќи во животот може и мене некој да ме замеша во некој скандал, за кој, секако, нема да ми биде пријатно.

0Знам дека Евровизија ти е неостварена желба, а сè уште не постои рецепт за песната што би можела таму да победи, да не е можеби тајната во твојата појава, твојот глас, во твојата интерпретација, па да ја видиме Евровизија и кај нас во Македонија, бидејќи никогаш не се знае, нели?– Да, желба ми е во иднина да учествувам на Евровизија, но Евровизија каква што беше во минатото, каде што се избираше убава песна, добра интерпретација и сценски настап според нормалните вредности. Впрочем, затоа се вика „Песна на Евровизија“! Во однос на тоа дали една песна ќе биде хит или не, никогаш не можеме да знаеме предвреме. Имало песни кои не победиле на фестивали, но станале големи хитови. Сè уште сум млада за да размислувам за Евровизија, но доколку работам со ова темпо во поглед на музиката како досега, можеби за некоја година би се подготвувала за конкурирање за учество на Евровизија. Секако, доколку Македонија повторно се натпреварува на тој важен меѓународен фестивал.

 

ИЗДВОЕНИ