Еден од најпочитуваните судии во ММА спортот, Херб Дин, објави дека борците наскоро ќе се соочат со построги упатства и казни за „вадење очи“, еден од најчестите и најопасните прекршоци во спортот. Гостувајќи во еден поткаст, Дин откри дека дискусиите за промени на правилата биле поттикнати од исходот од борбата на УФЦ321 настанот помеѓу Том Аспинал и Сирил Гане, која беше прекината и прогласена за нерешена поради убод на прст во окото на противникот.
Дин објасни дека правилото против испружување прст кон противникот веќе постои, но не се спроведува доследно. Тоа, рече тој, наскоро ќе се промени.
- Она за што зборуваме досега е дека сме направиле правила. Значи, сме направиле правило дека испружувањето прст кон очите е прекршок. Тоа е правило што веќе го имавме во сила. Значи, тоа правило беше таму, но не го спроведувавме. Ќе продолжиме со тоа, порача Дин.
Тој нагласи дека судиите ќе почнат да одземаат бодови за нападот пред да се случи сериозна повреда за да ги обесхрабрат борците од опасно однесување.
- Не мислам дека луѓето би биле навикнати да гледаат како на некого му се одзема бод, бидејќи, најчесто, одземањето бод е повеќе реакција на штетата и на нерамнотежата на борбата што ја направил нападот, и тоа е единствениот начин на кој можеме да го избалансираме. Но, ова е опасен напад. Треба да почнеме да одземаме бодови за таа акција пред некој, всушност, да се повреди, додаде познатиот судија.
Убодот на прст во око е проблем во спортот со години, а неконзистентното изрекување казни од страна на судиите ги фрустрира и борците и фановите. Дин се надева дека овие промени ќе бидат важен чекор напред.











