Голем број врвни кошаркари изминативе години направија споредба меѓу Евролига и НБА, а сега со свој коментар излезе и еден од најдобрите во НБА, Словенецот Лука Дончиќ, кој своевремено играше и во најквалитетното европско натпреварување.
Словенецот отсекогаш нагласувал дека европската кошарка му е драга на срце и дека ужива гледајќи ја, а сега објасни зошто е полесно да се освојат поени во најсилната лига во светот отколку во најелитното натпреварување.
- Кога имав, да речеме, 15 години, имав тренер кој беше строг со мене, но и со другите. Ги почнав првите тренинзи со првиот тим и бев исплашен. Бев нервозен, но во еден момент се навикнуваш, започна Дончиќ во поткастот „Mind the Game“ со Стив Неш, па додаде:
- Се натпреварував кога имав 16 години, се тресев, сè уште се сеќавам на тој момент. Затоа ми се чини дека во Европа, гледајќи ја Евролигата сега и порано, повеќе се работи за тимот и за тимската работа, додека во НБА правилата се различни, секогаш сум го кажувал тоа. Причината зошто велев дека е полесно да се постигне кош во НБА е затоа што правилата се, едноставно, различни. Имате многу повеќе простор, имате повеќе минути. Тоа се осум минути повеќе, сè може да се случи за осум минути. Значи, тоа е само поради тоа. Во Европа, тешко можете да постигнете поен преку висок играч, како што е Еди Таварес од Реал Мадрид. Само да стои во рекетот, невозможно е да дојдете до поени. Не можете да го направите тоа таму, бидејќи тоа е прекршување на правилата за рекет од три секунди, истакна јасно Дончиќ.
Инаку, Дончиќ своевремено со Реал ја одвои титулата во Евролига, беше и МВП на сезоната, а потоа на само 19 години се пресели во силната НБА, каде се етаблираше како еден од најдобрите играчи кои заиграле во оваа лига.