Еден од најдобрите голмани на денешницата, Џанлуиџи Донарума, најверојатно ќе го напушти европскиот првак ПСЖ и ќе ја продолжи кариерата во редовите на Манчестер јунајтед. Италијанскиот репрезентативен голман одлучи да направи промена по четири години.

Оваа информација ја сподели италијански „Кориере дело спорт“, во која тие тврдат дека преговорите се веќе започнати и дека Црвените ѓаволи се огромни фаворити да го доведат во своите редови.

  • Манчестер Јунајтед е фаворит за потпишување на договорот со Џанлуиџи Донарума. Преговорите започнаа во последните неколку часа, објавува весникот.

Донарума на тој начин би можел да го напушти шампионот на Европа. Се навестуваше дека ова доаѓа бидејќи ПСЖ започна преговори со одличниот голман на Лил, Лукас Шевалие, кој наскоро треба да пристигне на „Паркот на принцовите“.

Италијанецот претходно не успеа да постигне договор со францускиот гигант за продолжување на соработката. Неговиот договор истекува следното лето.

Јунајтед реши да ја искористи можноста да го доведе еден од најдобрите голмани, а за таа цел ќе мора да плати најмалку 30 милиони евра.

Донарума треба да го замени Андреа Онана, чии интервенции ги излудија навивачите на клубот, како прв избор на голманската позиција на гигантот од „Олд трафорд“.

Џиџи одигра 161 натпревар за парискиот клуб, ги освои сите можни трофеи, остана 56 натпревари без примен гол, а прими 156 гола.

Иако има само 26 години, тој е на сцената веќе една деценија. Како тинејџер, доби шанса во Милан, каде што беше етикетиран како предавник затоа што прифати огромна понуда од Париз и го напушти Сан Сиро. Исто така како тинејџер стана стандарден член на италијанската репрезентација, за која одигра 74 натпревари.

Џиџи дефинитивно би можел да биде огромно засилување за Црвените ѓаволи.

ИЗДВОЕНИ