Домот на културата во Ченто ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината 

94

До крајот на годината, Домот на културата во населбата Ченто ќе биде пуштен во употреба. Реконструкцијата влегува во завршна фаза, со околу 60 проценти завршени градежни активности.

Станува збор за нов современ и енергетски ефикасен простор кој ќе стане центар на културниот живот во Гази Баба.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека заложбите на Владата и на Министерството за култура и туризам се во насока на континуирана поддршка и развој на културната инфраструктура во сите општини, создавање еднаков пристап до културни содржини за сите граѓани и поттикнување на локалниот културен развој како основа за силно и живо културно ткиво на нашата држава.

Реконструкцијата, адаптацијата и санацијата на овој културен објект се одвиваат со забрзан интензитет. Домот на културата, кој со години беше запуштен, наскоро ќе добие нов, модерен и функционален изглед, со што ќе се врати неговата улога како центар на културниот живот во Ченто и пошироко.

Објектот ќе биде изграден на три нивоа и ќе биде целосно приспособен за одржување најразлични културни настани и ќе понуди современи услови за уметници и публика. Тој ќе има гледалиште и сцена за околу 170 гледачи, галерии, канцелариски простор, библиотека, салони за шминкање и други содржини.

Проектот се реализира како дел од капиталните инвестиции на Владата за поддршка на општините во областа на културата, со вкупна вредност од 87.514 771 денари. До крајот на септември се реализирани 53.684.718 денари.

Како што најави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, по завршувањето на градежните работи на објектот во Ченто ќе се реконструира Домот на култура во Нова Колонија.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ