Неколку десетици мажи и жени, припадници на бразилската домородна заедница од амазонскиот регион, некои со пердуви на главите, во вторникот вечерта упаднаа во зградата во која се одржува климатскиот самит КОП30, во бразилскиот град Белем. Вадејќи најмалку една врата од шарките и кошкајќи се со обезбедувањето, тие влетаа во таканаречената сина зона, каде што се одржуваат преговори на највисоко ниво, извикувајќи слогани и носејќи транспаренти со натписите „Нашата земја не е на продажба!“ и „Не можеме да јадеме пари“.
– Не можеме да јадеме пари… сакаме нашите земји да се слободни од агробизнисот, експлоатацијата на нафта, нелегалното рударство и од нелегалната сеча – изјави еден од лидерите на демонстрантите, кои беа поддржани од активистите од младинските и од проклиматските групи.
Обезбедувањето на ОН побрза да ги запре, што доведе до грабање, туркање и до викање. Најмалку еден недомороден маж во областа носеше транспарент на кој пишуваше „Нашите шуми не се на продажба“. Други носеа маички на кои пишуваше „Заедно“. Тие мавтаа со транспарентите и скандираа сè додека не беа насилно отстранети. Портпаролот на ОН за климата изјави дека двајца обезбедувачи добиле полесни повреди и дека е оштетено местото. Организаторите, по инцидентот, потврдија дека веднаш биле преземени заштитни мерки, дека просторот е повторно обезбеден и дека продолжуваат разговорите.
– Домородното движење сакаше да ги презентира своите барања во сината зона, но не му беше дозволено да влезе – вели Жоао Сантијаго, професор на Федералниот универзитет во Пара.
.












