Во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се отворени две изложби – „Доминанта“ и „Насмеани лица и состојби“, поддржани од Министерството за култура и туризам. Во рамките на изложбата „Доминанта“ се претставуваат 11-мина уметници, членови на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп.
– Доминацијата во уметничките дела се однесува на визуелната тежина или истакнатоста на соодветен елемент во составот на дизајнот. Имањето различни форми во различни големини може да биде донекаде привлечно, но само по себе не е доволно за да го плени гледачот. Користењето живописна боја за елемент наспроти придушена заднина ќе направи елементот да се истакне – посочи на отворањето на изложбата м-р Филип Јовески.
Со дела пред љубителите на уметноста се претставуваат: Дарко Талески, Филип Јовески, Методи Исков, Емил Солески, Лепа Милошевска, Славчо Павлоски, Елена Димоска, Филип Перески, Верче Николоска, Маја Ралева-Миладиновски и Марјан Стојаноски.
Во Ликовната галерија беше отворена и изложбата на скулптури и слики „Насмеани лица и состојби“ од Емил Солески.
Најновото скулпторско и сликарско претставување на Емил Солески донесува неколку нови размисли за и околу постоењето и опстојувањето.
Емил Солески, на отворањето, посочи дека преку композициите во камен ги искажува своите согледувања и немири, додека со сликарските перформанси ги пренесува „насмеаните лица“.