Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, денес изјави дека целиот тим бил целосно фокусиран за време на тркачкиот викенд во Монца и дека било задоволство да се контролира темпото и да се постигне победа на легендарната патека.
„Беше одличен ден за нас, летавме и уживав во автомобилот, можев да го контролирам темпото во текот на првиот период на (средно тврдите) гуми. Отидовме во боксот во вистинско време, а тврдите гуми на крајот ви дозволуваат да притискате повеќе бидејќи се издржливи… Целиот тим беше фантастичен, мислам дека бевме максимално фокусирани и е неверојатно задоволство да се победи тука“, рече Верстапен, објави Би-Би-Си (BBC).
Верстапен го забележа 66-от триумф во кариерата на патеката во Монца, воедно и првиот по 18 мај и прославата во Имола.
Холанѓанецот, кој е четирикратен последователен светски шампион, зборуваше и за стартот и борбата со Ландо Норис од Мекларен за првото место.
„Знаев дека темпото е добро, само требаше да се смирам, имаше многу борба, но можев да видам дека брзината е тука и многу брзо го вратив водството (во четвртиот круг)“, рече тој.
По лошите резултати во текот на сезоната, Верстапен истакнува дека тимот ќе оди од трка во трка.
„Одиме чекор по чекор и трка по трка, но за нас ова беше неверојатен викенд“, рече 27-годишниот возач на Ред Бул.
Второто и третото место на денешната трка ги освоија возачите на Мекларен, Норис и Оскар Пјастри.
Двајцата се главни конкуренти во борбата за титулата, а Норис истакнува дека ова беше многу тешка трка во која автомобилот е многу побавен од оној на Верстапен.
Пјастри води осум трки пред крајот на шампионатот со 31 поен предност пред Норис, додека Верстапен е 94 поени зад третото место.
Следната трка ќе се одржи на 21 септември на улиците на главниот град на Азербејџан – Баку.