Домен Превц доминира изминативе неколку години на ски-скокалниците во светот, иако разочара на неодамна завршените Зимски олимписки игри во Милано и Кортина, кога не успеа да дојде до златото во поединечна конкуренција. Сега, тој уште еднаш ја потврди својата доминација на скокалницата Кулм во Бад Митерндорф, а во неделата постави и нов рекорд таму. Додека спортскиот свет го слави словенечкиот ски-скокач и со нетрпение го очекува натпреварот во Лахти, каде што тој можеше да го обезбеди Големиот кристален глобус, од Полска доаѓаат обвинувања за измама, пишува „Екипа 24“.
Полските медиуми кренаа прашина еден ден по шестата последователна победа на Превц, тврдејќи дека ги прекршил правилата пред рекордниот лет. Тие ги темелат своите тврдења на снимка од телевизиска емисија на која е снимен тој, чекајќи го својот настап и приспособувајќи ја својата опрема. Пред летот на Јапонецот Рјоју Кобајаши, камерата на врвот од скокалницата го снимила Превц како го влече ракавот од долната маица преку лакотот. Според петтото поглавје од правилата, кое се однесува на долната облека, во точката 5.2 се наведува дека ракавот од долната маица под комбинезонот не смее да го надминува лакотот.
Полјаците нагласуваат дека е забрането влечењето на ракавите преку лакотот, бидејќи таквиот чин може да му помогне на натпреварувачот во летот. Како што е наведено, тоа овозможува правилно да се дистрибуира материјалот и влијае на положбата на комбинезонот. Тие тврдат дека станува збор за неовластена манипулација со опремата, а спорниот момент се случил пет минути пред неговиот лет, непосредно пред контролата.
Przed rekordowym niedzielnym lotem na 245,5 metra na Kulm Domen Prevc został przyłapany przez kamery na tym, jak naciąga bieliznę przed skokiem. W transmisji pokazano, jak wykonuje ten ruch dwukrotnie.
Rękaw “ubranka” skoczka zgodnie z przepisami nie się znaleźć za łokciem. pic.twitter.com/pKbv2JtFYl— Jakub Balcerski (@JakubBalcerski) March 2, 2026
За појаснување, полските новинари се обратија до контролорот на опремата на натпреварувањето, поранешниот австриски скокач Матијас Хафеле. Тој рече дека го видел спорниот момент на телевизија.
- Го прегледавме пред настапот и утврдивме дека сè е во ред со долната облека. Го прегледавме и по летот и сè беше нормално – рече Хафеле.
Кога беше прашан за чинот на кревање на ракавите, кој беше снимен од камерата, Хафеле не потврди дека станува збор за прекршок.
- Во правилата нема дефиниција за таков потег – заклучи тој.











