Домашните компании ќе добиваат гас од три извори

116

Изградбата на гасниот интерконектор до границата со Грција е во тек. Градежните активности почнаа во јули годинава и според планот треба да завршат за 22 месеци, со што интерконекторот треба да биде целосно оперативен во текот на 2027 година. Според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, преку оваа гасна цевка земјава ќе обезбеди уште еден извор за снабдување со природен гас.

– Интерконекторот активно се гради од наша страна. Стигнати сме некаде северно од Неготино. Рокот за изградба е две години, веќе активно се работи, беше избран изведувач, македонска компанија која што работи и тоа ќе ни отвори алтернативно снабдување со гас бидејќи сега имаме само еден извор што оди преку Бугарија. Планираме да имаме најмалку уште три извори на гас и така ќе можеме да калкулираме со цената на гасот – вели Николоски.

Гасниот интерконектор со Грција е со должина од 66,7 километри и се протега од Гевгелија до Неготино. Овој гасовод ќе има првичен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас на годишно ниво, со можност за зголемување до 3 милијарди кубни метри.

Финансиската вредност на проектот изнесува приближно 3,7 милијарди денари (60 милиони евра). Финансиите се обезбедени преку два кредити, еден од Европската инвестициска банка во износ од 28,9 милиони евра и друг од ЕБОР во износ од 45 милиони евра, како и преку инвестициски грант од 12,5 милиони евра, обезбеден преку ИПА-инструментот на Европската Унија. Дополнително, преку Конекта програмата на ЕУ, беше обезбедена и техничка помош за изработка на потребните студии, проектна и тендерска документација.

Интерконекторот ќе донесе поевтин гас од терминалот Александропули и сигурно снабдување за индустријата и домаќинствата и намалени цени за населението, а поголема конкурентност за компаниите.

– Во однос на терминалот за течен гас Александропули, ние сметаме дека сите иницијативи што се добри треба да се поддржат. Отворени сме за соработка бидејќи не сакаме државата да биде зависна од снабдување со гас и енергенси од  Русија, би сакале да имаме снабдување и од други извори и региони – нагласи Николоски.

Овој современ гасовод ќе биде подготвен и за идниот транспорт на зелен водород, со можност за двојно зголемување на капацитетот. Се финализираат и активностите за гасна поврзаност со Србија.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ