Домаќинствата во еврозоната трошат околу една третина повеќе пари за храна отколку пред пандемијата, а цените на храната имаа посилен раст од другите стоки, што беше особено погодено од зголемените трошоци за работна сила и од зголемувањето на цените на суровините на глобално ниво, покажа анализата на Европската централна банка (ЕЦБ).
Од воведувањето на еврото на почетокот од овој век, цените на храната имаат тенденција да растат малку побрзо од другите компоненти на инфлацијата, но јазот што се појави во изминатите неколку години е исклучителен и постојан, напишаа експертите на ЕЦБ во анализата.
Во август оваа година, цените на храната беа за 34 проценти повисоки отколку во тој месец од 2019 година. Просекот за вкупните потрошувачки цени е раст од 23 проценти.
Ова е причината зошто цените на храната сега се предмет на посебен интерес на службениците на ЕЦБ при одредувањето на монетарната политика и на каматните стапки.
Како што се очекуваше, зголемувањето на цените на храната повеќе ги погоди посиромашните домаќинства, бидејќи тие мора да потрошат релативно поголем дел од својот приход на тоа.
ЕЦБ ја задржа каматната стапка на депозити на два процента овој месец, а членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, претходно во септември изјави дека цените на храната се област на загриженост за централната банка.
Годишниот раст на цените во август од 3,2 проценти беше највисок во последната година и пол. Тоа е далеку над стапката од два процента што ЕЦБ ја „таргетира“ за вкупната инфлација.
Цените на говедското месо и на млекото се речиси 40 проценти повисоки отколку на крајот од 2019 година, а на путерот и на маслиновото масло – за околу 50 проценти. Во случајот со какаото и со чоколадото, растот е уште поголем.
Но, логично, цените на храната не се зголемија рамномерно во сите членки на еврозоната. Во Италија, тоа е во просек 28 проценти, во Германија 37 проценти, а во балтичките земји – повеќе од 50 проценти.