Ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 kW и ќе се скрати рокот за издавање дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. Првпат во законската регулатива се предлага воведување законски рок за административната постапка за издавање дозволи за поставување кровни фотоволтаици за потрошувач – производител. Ова го предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги објави на ener.gov.mk
Како што информира Министерството, рокот од еден месец ќе се однесува на постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW, како и за потрошувач-производител на обновлива енергија и за заедници на обновлива енергија. Со измените потрошувачите производители добија повисоки прагови за своите електрани и тоа за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а компаниите – 70 kW.
– Со предлог-измените се поедноставува и постапката за приклучување на електродистрибутивната мрежа на потрошувач-производител кој користи ОИЕ. Доколку при анализа на условите за приклучување се утврди дека не е можно приклучување на предложената локација, операторот на електродистрибутивниот систем е должен во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за приклучок, писмено да го извести барателот и да му предложи алтернативна точка за приклучување, врз основа на технички и безбедносни причини или некомпатибилност на компонентите на системот. Операторот на електродистрибутивниот систем е должен да го приклучи енергетскиот објект на електродистрибутивната мрежа во рок од еден месец од официјалното потврдување на комплетноста на поднесената документација. Доколку операторот на електродистрибутивниот систем не се произнесе во рокот од мрежните правила се смета дека согласноста за приклучување е дадена, наведува Министерството.