Македонската ѕвезда на „Гранд“! „Стара мајка“ е мојата искрена и емотивна благодарност до мојата мила мајчичка. Таа отсекогаш ми беше и ми остана најголемата поддршка и поттик. Благодарен сум ѝ сè до небото што ми го пренесе својот убав глас, позитивен дух и љубовта кон музиката. Особено што ми помогна во моите најтешки моменти, раскажува Александар, нагалено Аца-фаца, за весникот ВЕЧЕР.Секогаш е голем предизвик кога ќе се најдете во друштво на охридскиот рокер Александар Јосифовски, некогашната голема ѕвезда на „Гранд“. Со атрактивниот пејач има муабети „на километри“ на кои им нема крај. Пријатен, љубезен, гостопримлив, срдечен… кај него не постои некоја негативна карактеристика поради која би го одбил новинарот, расположен е дури и да му сподели и приватни моменти од животот. Тоа, секако, се однесува на оној лош период кога пејачот имаше проблеми со алкохолот по разводот на неговите родители. Таткото на Александар остана да живее во Австралија, тие двајцата се и понатаму во комуникација. Секогаш кога Александар е таму во Австралија го посетува татко си, се дружат и одат во лов на риби. Честопати и на ајкули, што му претставува голема возбуда. Мама Елизабета, поранешната фолк-пејачка, е повторно тука, во Македонија. Како силна емотивна поддршка на својот популарен син, обожаван од огромен број девојки.
Неговиот ментор од „Ѕвездите на Гранд“, рокерот Ѓорѓе Давид, во полуфиналето на шоуто беше максимално понесен од емоциите. Се расплака и јавно кажа дека му помогна на Јосифовски да се излечи од зависноста на алкохолот. Така и бидна. Во меѓувреме, Александар застана на нозе и сосема го смени имиџот. Но и самиот живот. Сега е со долга шатирана коса, помалку мускулест, со гитарата преку рамениците, оставајќи впечаток на вистински рокер.
Неодамна објави многу интересна и уште повеќе емотивна песна (засега на српски јазик, наскоро ќе биде препеана и на македонски), „Стара мајка“. Песната е официјално издадена преку дискографскиот гигант „Гранд продукција“. Комплетен автор е токму Јосифовски. Песната ѝ ја посвети на својата мајка, Елизабета Неданоска‑Јосифовска.– „Стара мајка“ е мојата искрена и емотивна благодарност до мојата мила мајчичка. Таа отсекогаш ми беше и остана најголемата поддршка и поттик. Благодарен сум сè до небото што ми ги пренесе својот убав глас, позитивен дух и љубовта кон музиката. Особено што ми помогна во моите најтешки моменти, раскажува Александар, нагалено Аца-фаца, за весникот ВЕЧЕР.
Новата песна „Стара мајка“ има и силна визуелна приказна. Интересно е што во главната улога настапува токму неговата мајка, која воедно глуми во спотот. Тоа самото по себе кажува колку емотивно тежи врската помеѓу мајката и синот. Ретка и искрена.– Со голема чест ја пеам песната. Инспириран од таа благородна жена мајка, кралица, царица, жената што ме роди, што ме воспитуваше со љубов и што ми ја подари љубовта кон музиката. Според мене, спотот се гледа во еден здив. Има многу сликовити сцени кои се снимани на различни локации низ нашата Македонија. Гледајте го спотот, слушајте ја песната и почувствувајте ја целата приказна за една храбра мајка. Ова песна е посвета и на сите мајки. За љубовта што не старее. Спотот е изработен во црно-бела техника, збогатен со традиционални македонски мотиви, ни вели Јосифовски, кој цело ова лето ќе го помине работно, а овој петок на 1. август ќе има и средба со популарната Лепа Брена, по нејзиниот охридски концерт. Да си ги освежат спомените. Тој на балканската музичка ѕвезда пред една година ѝ беше ексклузивен гостин на нејзината турнеја по Америка.
Дуле Миќиќ/фото:ФБ