
Првата дама на САД, Меланија Трамп, денес ја продолжи долгогодишната традиција и ја пречека официјалната божиќна елка во Белата куќа, неколку дена пред Денот на благодарноста, означувајќи го почетокот на празничната сезона.
Елката, која пристигна од фармата за дрвја „Корсонс“ во Мичиген, беше доставена во традиционална кочија управувана од тројца мажи со цилиндри и влечена од два коња, објавува списанието „Пипл“.
„Прекрасна елка“, рече првата дама додека ја разгледуваше кочијата и позираше за новинарите во бел капут со темноцрвени ракавици.
Првата дама на САД се ракуваше со еден од возачите на кочијата пред елката да биде внесена во Белата куќа.
Божиќната елка го означува и почетокот на низа празнични настани во Белата куќа, објавува „Танјуг“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ќе помилува мисирка на 25 ноември како дел од празничните традиции, додека на 1 декември, Меланија ќе ги открие божиќните украси за оваа година во претседателската резиденција.











