Американскиот долар падна на најниско ниво за скоро четири години поради коментарите на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, за време на говор во сојузната држава Ајова, кога тој го намали значењето на слабеењето на валутата. Ова го натера инвеститорите да бараат побезбедни инвестиции како злато и швајцарски франк.
Доларот забележа пад од 1,3 отсто во однос на главните светски валути по Трамповите коментари, што е четврти последователен ден на слабеење, а утрово дополнително ослабе за 0,2 отсто.
Трамп изјави дека за него послаб долар е „одличен“ и дека вредноста на американската валута е добра со оглед на бизнисот на Соединетите Американски Држави, пренесува „Гардијан“.
Вредноста на доларот во последната година падна за 10 отсто, што има повеќекратни последици, предупредува брокерот Стив Сосник.
Послаб долар им помага на компаниите кои заработуваат во странски валути, но увозот станува поскап, па се можни инфлаторни притисоци во САД, нагласува Сосник.
Швајцарскиот франк е на највисоко ниво во однос на доларот во последните десет години, додека вредноста на еврото се искачи на 1,2 долари.
Златото продолжи да поставува рекорди и неговата вредност се зголеми над 5.200 долари по тројунска унца, што претставува пораст од речиси 90 отсто од почетокот на вториот претседателски мандат на Доналд Трамп.
Аналитичарите очекуваат понатамошен пад на доларот поради притисокот на Трамп врз Федералните резерви, состојбата на американската економија и растечкиот јавен долг.












