
Американскиот документ за безбедносните гаранции за Украина е целосно готов и Киев чека време и место за негово потпишување, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, алудирајќи дека разговорите со Русија за време на викендот во Абу Даби постигнале одреден напредок.
„За нас, безбедносните гаранции се првенствено безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Документот е 100% готов и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото на неговото потпишување“, рече Зеленски на прес-конференција за време на посетата на Вилнус, главниот град на Литванија.
„Потоа документот ќе биде испратен за ратификација до Конгресот на САД и украинскиот парламент“, рече тој.
Во петокот и саботата, украинските и руските преговарачи го одржаа својот прв трилатерален состанок заедно со американските медијатори во Абу Даби за да разговараат за рамката на Вашингтон за прекин на речиси четиригодишната војна, но договорот уште не постигнат.
„Се дискутира и понатаму за американскиот план во 20 точки и проблематичките ставки. Има многу проблематички прашања, но сега се помалку“, рече Зеленски.
Тој изјави дека Москва сака да направи се што е можно да ја натера Украина да ги напушти источните покраини кои Москва не може да ги освои од почетокот на инвазијата. Но Киев, рече тој, не се откажува од својата позиција дека мора да се одржи територијалниот интегритет.
„Постојат две темелно различни позиции – украинска и руска. Американците се обидуваат да најдат компромис“, рече Зеленски, додавајќи дека двете страни мораат да бидат подготвени за компромис вклучувајќи ги и Американците, пренесе „Хина“.











