Докторот на Штекли утврдил шизофренија и наместо на суд, да оди на Клиника

Судењето за групата на Раде Трајковски повторно се одложи

594

Дали обвинетиот Раде Трајковски викан Штекли треба да оди на лекување на Клиниката за психијатрија или да седи на обвинително столче, треба да одлучи судијата Илија Трпков, откако ќе ги слушне наодите од двете спротивставени вештачења, едното нарачано од одбраната, во кое психијатарот заклучил дека обвинетиот гледа паранормални настани, а другото направено на барање на Обвинителството, во кое вештаците од болницата „Бардовци“ констатирале свест, разум и пресметливост во личноста на Трајковски кој преживеа три обиди за ликвидација. Обвинетиот за цело време молчеше и мирно седеше во судницата.

Во бела кошула со смирен поглед во една точка и без движења, вака изгледаше првообвинетиот на скопската криминална група, Раде Трајковски викан Штекли, кој седеше во првиот ред во големата судница на Кривичниот суд. Веднаш зад него, судската полиција со засилување од затворската стража ги распореди и останатите обвинети од групата, сите млади луѓе, кои според истрагата на Обвинителството биле дел од мрежата која растурала дрога во градот. Четворица од нив на вчерашното судење ја признаа вината и за нив судот веднаш ја изрече казната. Сепак, прашањето што треба судијата Илија Трпков да му го постави на Трајчевски, дали се чувствува виновен или не, за кривичните дела што му се ставаат на товар, ќе почека. Најпрво Судскиот совет треба да одлучува за психичката состојба на обвинетиот, за која различни доктори направиле две спротивставени вештачења. Поради тоа, судијата Трпков го одложи судењето и одлучи за следното да ги повика психијатрите да ги образложат дијагнозите што му ги поставиле на обвинетиот. Имено, вештакот ангажиран од одбраната, психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски, заклучил дека Трајковски не може да присуствува на судење бидејќи не може да се застапува себеси и треба да оди на лекување на Клиниката за психијатрија. Судијата Трпков на глас го прочита заклучокот од вештиот наод и мислење направено во месец јуни. „Од пред три години, Трајковски почнува да се повлекува и има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот… Има бизарни идеи кои го преокупираат, поставил камера дома бидејќи го преокупираат мисли дека албанската мафија се здружила со полицијата  против него. Има халуцинации, нарушено доживување на телото и органите, шизофренија како психотично растројство“, тој тешко ги прочита стручните термини од областа на психијатријата кои ги употребил вештакот ангажиран од Трајковски. Личноста која беше опишана во лекарското мислење воопшто не соодветствуваше со онаа што преживеа три обиди за ликвидација – двапати беше пукан со пиштол, а еднаш бомба му експлодира во дворот од семејната куќа.

Спротивно на вештачењето на одбраната, во тоа нарачано од Обвинителството направено од психијатарката Оливера Суботин Поповска и психологинката Сашка Симоновска од болницата „Бардовци“, се заклучува дека обвинетиот може да го следи судењето, дека е пресметлив и може да расудува.

„Во моментот, психолошката состојба е без отстапувања, има расудување, свесен е и може да го следи судењето и да даде одбрана, обвинетиот разликува што е прифатливо, а што не е“, заклучиле вештаците на ОЈО еден месец по тоа од нивниот колега. На следното рочиште се очекува вештаците да ги објаснат и спротивстават дијагнозите пред Судот.

Минатото судење се одложи бидејќи Трајковски доби епилептичен напад во затворот Шутка и наместо на судење, затворските полицајци со болничко комбе го однесоа на Клиника за неврологија. Бил пронајде во ќелијата неконтактибилен и дезориентиран.

Групата на Раде Трајковски – Штекли се занимавала со неовластена продажба на дрога, беа уапсени седумнаесетмина, главно млади лица, а голем дел од нив ја признаа вината и се спогодија со Обвинителството за организиран криминал. Дрогата ја продавале најчесто по локали, а Обвинителството во соработка со МВР брифираа дека ја пронашле закопана на градежен објект на државно земјиште. Адвокатот на Трајковски смета дека признанието на дел од обвинетите нема да влијае на одбраната

– Признанието на вината е лична одлука која се однесува на обвинетиот, затоа ЗКП дозволува понатаму во постапката тој што ја признал вината по правосилност на пресудата да може да сведочи, и е должен да ја зборува вистината. Не дава дополнителна тежина на одбраната, тоа е право на обвинетите кои признале вина, сметка адвокатот Сашо Дуковски. Судењето продолжува во септември. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ