Судијата Илија Трпков повторно го одложи судењето против Раде Трајковски викан Штекли, првообвинет за дејствување во скопското криминално подземје, бидејќи двајца психијатри дале различна дијагноза за обвинетиот. Имено, вештакот ангажиран од одбраната заклучил дека Трајковски не може да се застапува на Суд и оти треба да оди на лечење на Клиниката за психијатрија.
-Од пред три години Трајковски има свој имагинарен учител кој го подучува на патот на вечниот живот има бизарни идеи кои го преокупираат, поставил камера дома бидејќи го преокупираат мисли дека албанската мафија се здружила против него. Има халуцинации, нарушено доживување на телото и органите, шизофренија како психотично растројство – напишал психијатарот Ѓорге Хаџи Ангеловски, ангажирaн од одбраната.
Спротивно на вештачењето на одбраната, во тоа на ОЈО, направено од психијатар Оливера Суботин – Поповска од болницатa Бардовци се заклучува дека обвинетиот може да го следи судењето, расудува и е пресметлив.
За следното рочиште вештаците треба да ги објаснат своите дијагнози пред Судот. Минатото рочиште се одложи бидејќи Трајковски доби епилептичен напад во затворот Шутка и наместо на судење го однесоа на Клиника за неврологија. (П.А.)