Салвадор Пласенциа, докторот кој му продавал кетамин на актерот Метју Пери пред неговата смрт, е осуден на две и пол години затвор. Според „Дејли меил“, калифорнискиот доктор е осуден на 30 месеци затвор, што го прави првото лице осудено во врска со смртта од предозирање на актерот.
Тој исто така ќе биде под надзор две години по неговото ослободување од затвор. Пласенциа се изјасни за виновен по четири точки од обвинението за нелегална дистрибуција на кетамин ова лето и беше осуден вчера во Лос Анџелес. Веднаш беше приведен.
Пласенциа е еден од петте обвинети во федерална истрага што откри нелегална мрежа за дистрибуција на кетамин во Холивуд, објавува Би-Би-Си.
Покрај Пласенциа, осомничени се уште еден доктор и асистент, како и две лица кои на крајот му ја дале на Пери фаталната доза кетамин. Сите тие се изјаснија за виновни и ќе ги дознаат своите казни во наредните месеци.
Семејството на Пери пред судот рече дека го сметаат Пласенциа за „најодговорен“ за трагедијата и побараа строга казна, истакнувајќи колку им било тешко да разберат зошто тој продолжил да му дава на актерот опасни супстанции и покрај неговите сопствени борби со зависноста.
Пери јавно призна дека со децении злоупотребувал супстанции, вклучувајќи ги и годините кога го играл Чендлер Бинг во хит-серијата „Пријатели“ од 1990-тите. Тој почина на 54-годишна возраст во октомври 2023 година од „акутен ефект“ на кетамин и други фактори што предизвикале да ја изгуби свеста и да се удави во џакузи.












