Докторот што ја вршел операцијата во која обвинетата докторка била асистент, рекол дека не ја знаел возраста на девојчето и дека само му дозволил да ја стави раката врз неговата додека управувал со дупчалката. Но, според обвинителката Јулија Штајнер, постапките на неврохирургот биле „непочитување кон пациентот“, а „ризикот од вклучување дете во операцијата бил исклучително висок“. Таа, исто така, нагласила дека целиот инцидент предизвикал „неверојатен недостиг на почит кон пациентот“, кој не можел да даде согласност за таква интервенција
Во Грац, во тек е судење за случајот што подолго време ја шокира австриската јавност. Ѝ се суди на докторка неврохирург за тоа што ѝ дозволила на својата 12-годишна ќерка да направи дупка во главата на несвесен пациент, а потоа со гордост изјавила дека нејзината ќерка тукушто ја издупчила својата прва дупка во глава.
Според извештаите, на 13 јануари минатата година, еден маж бил итно префрлен во регионалната болница во Грац, откако претрпел тешка трауматска повреда на мозокот, во несреќа во шумарство. Лекарите итно ја извршиле операцијата, која, за среќа, била успешна, но притоа се случила невообичаената ситуација. Имено, докторката неврохирург, која асистирала при операцијата, чиј идентитет не се соопштува, наводно ја поканила својата ќерка во операционата сала. Наводно ѝ дала на ќерка си медицинска дупчалка со која, според обвинението, таа направила дупка во черепот на пациентот за да му се постави сонда.
Обвинетата докторка на суд не ја негирала својата улога во инцидентот, но и таа и нејзиниот колега, кој бил одговорен за самата операција, изјавиле пред судот дека не се виновни за полесните физички повреди на пациентот. Обвинителката Јулија Штајнер изјавила дека постапките на неврохирургот биле „непочитување кон пациентот“, додавајќи дека „ризикот од вклучување дете во операцијата бил исклучително висок“. Таа, исто така, нагласила дека целиот инцидент предизвикал „неверојатен недостиг на почит кон пациентот“, кој не можел да даде согласност за таква интервенција.
Адвокатот Бернхард Лехофер ја бранел својата клиентка неврохирург, истакнувајќи дека детето, всушност, не го дупчело черепот на пациентот, туку само ја ставило раката врз раката на докторот, кој управувал со дупчалката.
– Детето не дупчело – рече Лехофер, додавајќи дека лекарот имал целосна контрола врз опремата.
Сепак, тој признал дека не била добра идејата да се внесе дете во операционата сала, но рекол дека верува дека неговиот клиент е под стрес речиси две години поради тој пропуст. Други адвокати, вклучувајќи го и Михаел Кропиуниг, кој го брани лекарот поврзан со случајот, рекле дека нивниот клиент не ја знаел возраста на детето. Според Кропиуниг, докторот му дозволил на девојчето само да ја стави раката врз неговата додека ракувал со дупчалката, што, „не е релевантно за кривичната постапка“.
Според медиумите, големо внимание привлекло и сведочењето на обвинетата докторка неврохирург. Таа рекла дека нејзината ќерка го поминала поголемиот дел од денот во нејзината ординација, но кога била повикана во операционата сала, ја следела мајка си.
– Сакав да ја заштитам – рекла таа.
Во текот на истрагата, докторката наводно им рекла на другите здравствени работници во болницата дека нејзината ќерка била вклучена само во „дупчењето“ за време на операцијата и тврдела дека самата не го видела моментот кога се случило тоа, бидејќи стоела во задниот дел од собата и била зафатена.
Штефан Волфсбергер, раководител на неврохирургија во болницата, објаснил дека добил анонимно писмо за случајот, во кое се вели дека целата ситуација е неверојатна. Писмото предизвикало понатамошна истрага, која вклучувала испрашување на други медицински професионалци и судска истрага.
Пресудата во овој случај ќе биде донесена откако судот ќе ги разгледа сите докази и ќе ги земе сите изјави, а конечниот исход ќе биде познат на 10 декември оваа година.