Доктор Олумчев: Грипот стигна со нова варијанта К, лекувањето со вештачка интелигенција е ризично!

66

Грипот, се чини, полека, но сигурно, зема замав. Влегуваме во втората третина на месец декември и веќе почнува да се чувствува дека заедно со празничната предновогодишна еуфорија стигнаа и болестите. Поради променливото време, сè повеќе престојуваме во затворени простории, се создаваат гужви во трговските центри и маркетите, што е погодно за брзо ширење на вирусите, не само на грипот туку и на респираторниот синцијален вирус и ковидот. Ординациите веќе се полнат со болни пациенти, а се зголемува и бројот на хоспитализирани на инфективните одделенија во болниците. Тоа беше поводот да разговараме за моменталната состојба со грипот во нашата земја и со доктор Сашко Олумчев, специјалист епидемиолог во Центарот за јавно здравје во Гевгелија

Докторе, каква е моменталната ситуација со грипот во Македонија?

Во сезоната 2025/2026, до овој момент, вкупниот број случаи на грип или заболувања слични на грип изнесува 776. Во споредба со истиот период од минатата сезона, кога имавме заболени 454 лица, бројот на пријавени случаи е зголемен за 70,9 проценти. Бројот на заболени од грип само за една недела е зголемен за 25 %. Оваа година, активноста на вирусот на сезонскиот грип започна значително порано, за околу 3-4 недели пред вообичаениот почеток на сезоната на грипот, споредено со изминатите сезони. Постојат предупредувања од центрите за следење на заразните болести (ECDC) дека бранот може да биде поинтензивен, особено во регионите со мала покриеност со вакцинацијата, каде што се очекува послаб имун одговор поради послабиот колективен имунитет. Дополнително би се очекувало интензивирање на активноста на вирусот на грипот во регионите во кои доминира повозрасна група на население и во регионите во кои ќе доминира новиот поттип К, кој не е во составот на оваа сезонска вакцина.

Во што се разликува оваа сезона на грипот во однос на минатата?

Минатата 2024/2025 сезона, како и прелиминарните податоци од почетокот на оваа 2025/2026 сезона, покажуваат дека повторно доминира вирусот на инфлуенца А, иако оваа сезона есен/зима сигналите укажуваат на силна застапеност на новата A(H3N2) поттип K. Тоа е значајно бидејќи поттипот K е значително поразличен од соодветниот поттип со кој е направена вакцината, што може да резултира со намален  ефект од вакцинацијата, особено во смисла на спречување на инфекција со вирусот на грипот од типот А, поттип К. Но, сепак, останува вкрстениот имунитет и имуната меморија од претходните сезони  кои ќе дадат свој придонес во спречувањето на појавата на потешки форми на сезонски грип, како и на спречувањето на бројот на хоспитализации

Дали тоа значи дека оваа сезона грипот ќе нè изненади со поголем интензитет?

Почетокот на циркулација на грипот многу порано од вообичаеното ја прави оваа сезона потенцијално поинтензивна. Новиот поттип A (H3N2) поттип K може да значи дека голем дел од населението немало последователна изложеност на овој поттип  во минатите сезони, што доведе до т. н. „избледнување“ на имуната меморија, чие одржување во кондиција бара постојани стимули кои се остваруваат преку постојани контакти или „средби“ со вирусот на инфлуенца А, поттип К.

За „жал“, минатите неколку сезони, поттипот К не циркулираше во Европскиот Регион и немаше контакти со населението, што доведе до „подзаборавање“ на овој поттип на вирусот на инфлуенца А, поради што очекувам послаб имун одговор доколку тој стане доминантен поттип во сезоната 2025/2026. Заедно со тоа, циркулацијата на вирусот на сезонски грип се случува паралелно со циркулацијата на другите респираторни вируси (како што се ковидот и респираторниот синцијален вирус, и други), што може дополнително да го зголеми ризикот од манифестација на потешка симптоматологија, особено за лицата со хронични болести и коморбидитети. Тоа значи дека здравствените системи би можеле да бидат под голем притисок доколку се случи ова сценарио. Сепак, претпазливоста на граѓаните кои навремено се  вакцинираа, спроведувањето на здравствените и на хигиенските мерки, како и на избегнувањето на блиски незаштитени контакти со лица сомнителни на инфекција, ќе има особено големо значење оваа сезона.

Во случајот на европскиот континент, ако вирусот се соочи со висок колективен имунитет кај населението, стекнат преку природна инфекција или вакцинација, активноста би можела да биде умерена, со локални изолирани огништа и релативно ограничен број хоспитализации. Меѓутоа, доколку имунитетот во популацијата е слаб или делумно несоодветен на новата поткласа К, вирусот би можел да предизвика широко распространета сезонска епидемија. Трансферот на вирусот би го олесниле и меѓународните патувања кои ќе бидат интензивни за време на новогодишните и на божиќните празници.

Во контекст, пак, на Република Македонија, сценаријата би зависеле од локалните фактори на квалитетот и квантитетот на колективниот имунитет, како и здравствената инфраструктура. Ако циркулацијата на вирусот A (H3N2) поттип K започне рано во сезоната, може да се појави постепено зголемување на бројот на случаи, со можност за појава на локални огништа во училиштата, старечките домови, затворите и урбаните средини каде што контактите се почести и поблиски. Во услови на недоволно покривање со вакцинација и ниска свест за превентивни мерки, ширењето би можело да биде нагло и да го оптовари здравствениот систем, додека, пак, навремената имунизација и јавно-здравствените интервенции би можеле значително да го смирaт интензитетот на циркулација. Истовремено, надворешните влијанија, како патувањата и сезонските миграции, можат да го забрзаат внесувањето на вирусот од соседните региони, а времето и климатските услови би влијаеле на должината и на висината на епидемискиот бран. Сметам дека во Република Македонија оваа сезона имаше добар опфат со вакцинација против сезонски грип, која, секако ќе биде од полза во справувањето со овој поттип на вирусот.

Кажавте дека во сезоната 2025/2026 вкупниот број случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 776. Сметате ли дека е ова реална бројка и ако не е, зошто е тоа така?

„Веднаш ќе кажам дека ова не е реалната бројка на заболени од грип во нашата земја. Не само оваа година туку и во изминатиот период се забележува еден вид негативна практика кај дел од матичните лекари и други здравствени институции во Република Македонија, кои не вршат редовно и навремено пријавување на заболените од сезонски грип или од други заразни заболувања. Оваа појава претставува сериозен проблем за здравствениот систем, затоа што ненавременото доставување на податоци доведува до погрешен или до нецелосен увид во состојбата на терен. Недостигот од точни и навремени информации го отежнува следењето на ширењето на вирусот, планирањето на превентивни мерки и навремената реакција на институциите кои се одговорни за јавната здравствена патологија. Ваквата неажурност може да доведе до доцнење во донесувањето одлуки, намалена подготвеност на здравствените установи и потенцијално зголемен ризик по јавното здравје на населението. Затоа, од клучно значење е сите матични лекари и други здравствени установи кои се обврзани навремено да доставуваат пријавни картички или групни пријави за заболени од сезонски грип, да ја исполнуваат законската обврска со цел редовно пријавување на случаите на сезонски грип и точна евиденција на бројот на заболени. Само со целосни и точни податоци може да се обезбеди ефективен надзор на епидемиолошката состојба и навремена заштита на населението.

Сè почеста практика е заболените од грип сами да се лекуваат, или преку телефонски разговор со лекар пријател или, пак, преку користење на ВИ-алатки. Какви опасности крие оваа практика?

Пациентите не треба сами да се лекуваат користејќи совети преку телефон со своите пријатели лекари, совети добиени од ВИ-алатки или, пак, од интернет-пребарувачи, зашто таквите информации можат да бидат општи, непоткрепени со клиничка процена и честопати неточни. Ваквото однесување е сè почесто поврзано со појавата наречена сајберхондрија, при што луѓето донесуваат погрешни заклучоци врз основа на ограничени или погрешно разбрани информации кои потекнуваат од нереферентни извори. Опасноста од ваквата практика произлегува првично од ризикот за погрешна процена на сопствената здравствена состојба. Пациентот може да ја потцени сериозноста на сопствените симптоми и да ја одложи навремената посета кај матичниот лекар, што може да доведе до влошување на состојбата. Спротивно на ова, пациентот може да претпостави дека станува збор за нешто сериозно и опасно и да предизвика непотребен страв за сопственото здравје. Дополнително, кога луѓето се обидуваат сами да се лекуваат, често прибегнуваат кон несоодветни или потенцијално штетни лекови и совети, што може да предизвика несакани реакции или интеракции. Затоа, најбезбедно е пациентот да го користи интернетот само како информативна поддршка, а за какви било симптоми, неизвесности или сомневања, навремено да се обрати кај својот матичен лекар кој секогаш ќе го сослуша, ќе го прегледа и најпрофесионално ќе одреди адекватен третман согласно со постоењето и сериозноста на симптоматологијата.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

 

ИЗДВОЕНИ